X
 19.01.2021 Наука

Научниците покажаа како изгледа осаменоста во мозокот на човекот

Оваа празнична сезона многу луѓе ќе ја поминат сами, со оглед на пандемијата и рестриктивните мерки. Важно е да се разбере како влијае изолацијата врз нашето здравје.

Една нова студија покажува еден вид „потпис“ во мозокот на осамените луѓе што ги прави различни во фундаментални начини, засновани на варијации во обемот на различни региони на мозокот, како и врз основа на тоа како тие региони комуницираат едни со други низ мозочните мрежи.

Истражувачи ги испитале податоците од магнетната резонанса (МРИ), генетиката и психолошкото самооценување на приближно 40.000 возрасни и постари возрасни лица што доброволно ги вклучиле своите информации во „Биобанк“ во Велика Британија: база на податоци со отворен пристап достапна за здравствени научници во светот. Потоа тие ги споредиле МРИ-податоците на учесниците што пријавиле дека често се чувствуваат осамени со оние што не се чувствуваат така.

Истражувачите откриле неколку разлики во мозокот на осамените луѓе. Овие манифестации на мозокот биле центрирани на она што се нарекува стандардна мрежа: збир на мозочни региони вклучени во внатрешни мисли, како што се потсетување, идно планирање, замислување и размислување за другите.
Истражувачите откриле дека стандардните мрежи на осамените луѓе биле посилно поврзани и изненадувачки - нивниот волумен на сивата маса во регионите на стандардната мрежа бил поголем. Осаменоста, исто така, била поврзана со разликите во форниксот: пакет нервни влакна што пренесуваат сигнали од хипокампусот до стандардната мрежа. Кај осамените луѓе структурата била подобро зачувана.

Ја користиме стандардната мрежа кога се сеќаваме на минатото, ја замислуваме иднината или размислуваме за хипотетичка сегашност. Фактот дека структурата и функцијата на оваа мрежа се позитивно поврзани со осаменоста може да биде затоа што осамените луѓе имаат поголема веројатност да користат имагинација, спомени од минатото или надежи за иднината за да ја надминат својата социјална изолација.

- Во отсуство на посакувани социјални искуства, осамените лица можат да бидат пристрасни кон внатрешно насочени мисли, како што се потсетување или замислување социјални искуства. Ние знаеме дека овие когнитивни способности се со посредство на стандардните мрежни региони на мозокот - вели Нејтан Спренг од Невролошки институт-болница во Монтреал при Универзитетот „Мекгил“ и главен автор на студијата.

Осаменоста сè повеќе се препознава како голем здравствен проблем, а претходните истражувања покажаа дека постарите луѓе што се осамени имаат поголем ризик од когнитивно опаѓање и деменција. Разбирањето како самотијата се манифестира во мозокот може да биде клучно за спречување невролошки заболувања и развој на подобри третмани.

- Само што почнавме да го разбираме влијанието на осаменоста врз мозокот. Проширувањето на нашето знаење во оваа област ќе ни помогне подобро да ја цениме итноста за намалување на осаменоста во денешното општество - вели Данило Бждок, истражувач на Институтот за вештачка интелигенција во Квебек.

Истражувањето беше објавено во списанието „Нејчр комјуникејшнс“ на 15 декември 2020 година.

Извор: Sciencedaily.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука