Истражувачите од областа за безбедноста демонстрирале дека е можно да се шпионира она што е видливо на вашиот екран со пресретнување на електромагнетното зрачење од видеокаблите ХДМИ со висока прецизност, благодарение на вештачката интелигенција. Тим од Републиканскиот универзитетот во Уругвај вели дека нивниот метод на пресретнување кабли со помош на вештачка интелигенција е доволно добар, па овие напади веројатно веќе се во тек.
Податоците што минуваат низ ХДМИ се многу посложени од старите аналогни сигнали. Сепак, тие дигитални сигнали сè уште емитуваат одредено електромагнетно зрачење додека патуваат помеѓу вашиот компјутер и екранот. Со обука на модел на вештачка интелигенција на примероци од парови од оригинални и пресретнати ХДМИ сигнали, истражувачите можеле да ги декодираат тие протекувања во читливи слики на екранот.
ХДМИ сигналот е реконструиран со прилично висока прецизност
Нивната нова техника реконструирала текст од украдени ХДМИ сигнали, со околу 70% точност. Иако не е совршен, доволно е за повеќето луѓе правилно да ги прочитаат информациите. Ова потенцијално значи дека на хакерите им е лесно да следат работи како лозинки, финансиски податоци или шифрирани комуникации.
За да го тестираат нивниот напад, истражувачите користеле софтвер за препознавање текст на визуелни податоци, реконструирани од нивниот модел со вештачка интелигенција. Тие потоа можеле да го споредат извлечениот текст со оригиналната содржина на екранот. Тимот вели дека нивниот метод ја подобрува стапката на грешка за овој тип пресретнување на ХДМИ кабли за неверојатни 60% во споредба со претходните техники.
Постојат неколку начини на кои хакерите би можеле да го извршат ова пресретнување на ХДМИ сигналите во реалниот свет. Тие би можеле да постават дискретен уред за фаќање сигнал во внатрешноста на целната зграда.
Истражувачите велат дека овие напади веќе се користат против владините агенции и чувствителните индустриски средини. Но, таквите организации веќе ги штитат своите капацитети од електромагнетно истекување, дури и ако тоа има значителна цена. Сепак, за просечниот домашен или канцелариски корисник, бариерата за влез е сè уште доста висока за овој пристап за хакирање на ХДМИ сигнал. Спроведувањето модели со вештачка интелигенција и опрема за фаќање сигнал не е тривијално.
- Владите се загрижени за ова, но не би рекол дека обичните корисници треба премногу да се грижат. Но, ако навистина се грижите за вашата безбедност, од која било причина, ова може да биде проблем - објаснил водечкиот истражувач Федерико Ларока.
Извор: benchmark.rs
Фото: Freepik