X
 01.09.2018 Живот

Патот до работа би требало да се смета во работното време?

Патниците во јавниот превоз толку често на пат до работа праќаат електронска пошта, што тоа време би требало да се смета во работното време, велат истражувачи од Универзитетот на Западна Англија.

Пристапот до безжичен интернет во градскиот превоз и сѐ поголемата употреба на мобилни телефони го продолжија работното време, покажа неодамнешна студија во чии рамки биле анкетирани 5.000 патници во јавниот превоз во Лондон. Студијата покажала дека 54 отсто од патниците користеле Wi-Fi од јавниот превоз за да испратат електронска пошта на работа. Други патници за испраќање електронска пошта поврзана со работата ја користеле мрежата на својот телефон.

На пат кон работата луѓето праќале пораки во врска со работниот ден што ги чека, додека на враќање кон дома тие го завршувале останатиот дел од работата.

Студијата покажала и дека подобрата интернет-врска во јавниот превоз придонела да се продолжи работниот ден и сѐ повеќе луѓе да користат лаптопи и телефони за да работат додека патуваат со јавен превоз.

Истражувањето го поставува прашањето за рамнотежа меѓу работата и приватниот живот и дали е здраво да се продолжи работниот ден, со оглед на тоа дека луѓето сега рутински одговараат на електронската пошта надвор од работното време.

И најважно, ако патот до работа станал дел од таа работа, зарем не би требало да се признае во работното време - прашуваат англиските истражувачи.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот