Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) одлучил утре, на 2 септемри, да има предупредувачки штрајк на вработени во образовната дејност. Тоа, според претседателот на СОНК, Јаким Неделков, значи дека членовите на синдикатот и оние кои ќе се солидаризираат кон штрајкот нема да прифаќаат ученици, нема да оддржуваат настава ниту ќе реализираат воспитно-образовни активности.
Јаким Неделков; Фото: СОНК
- Кадарот во училиштата ќе се појави на работа и ќе престојува во заедничка просторија, определена од директорот онолку време колку што е предвидено за активностите тој ден – изјави утрово Неделков.
Тој објасни дека штрајкуваат членовите на синдикатот, а може да се приклучат, солидаризираат оние кои не се членови.
- Тие за солидаризацијата треба да дадат изјава до директорот на училиштето и до синдикатот -вели Неделков.
Членови на СОНК, според него, се 90 проценти од наставниците во земјата или повеќе од 20.000 наставници.
- Имаме најави за солидарност, очекуваме масовност но и опструкции. Општините и централната власт повикаа за оддржување настава. Неблагодарно е да прогнозираме што ќе донесе утрешниот ден. Да почекаме до утре – вели Неделков.
Фото: Pixabay
Родителите по сè изгледа ќе треба да прашаат во училиштето дали детето утре да појде на настава.
Наставниците се незадоволни од најавеното зголемување на платите од 5 отсто. Синдикатот ѝ даде рок на Владата до 1 септември за преговори и за реално зголемување на платите на сите вработени во образовната дејност.
– Не сме задоволни од зголемувањето на платите од 5 проценти. Реално би било зголемувањето да е 20 проценти – рече Неделков.
Тој објаснува дека месецов ќе го определат за преговори со Владата.
– Доколку ништо не се договориме и во септември, имаме опција за генерален штрајк. Ние сме репрезентативен синдикат со околу 30.000 члена- вели Неделков.