Младите од Западен Балкан генерално се незадоволни од состојбата во демократијата и загрижени се за економската ситуација во која се наоѓаат, покажува најновото регионално истражување кое го пренесува црногорската агенција МИНА.
Истражувањето спроведено во соседните земји Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ) и Србија покажа дека најголем дел од младите сметаат дека членството во ЕУ може да се случи во следните десет години.
На примерок од 500-ина испитаници, младите одговараа на прашања за демократските реформи и европските интеграции, идентитетите и довербата, како и за мобилноста, образованието и вработеноста. Претседателката на ЦПЕУ (Црногорската паневропска унија), Гордана Ѓуровиќ, истакна дека со состојбата во демократијата генерално се незадоволни 80 отсто од испитаниците. Истовремено, се покажало дека младите се силно заинтересирани за изборните процеси во тие земји за да можат да влијаат врз промените во нив. Воедно, 60 отсто од испитаниците сметаат дека пандемијата на ковид-19 придонела за влошување на состојбите со демократијата.
Во однос на европските интеграции, 73 отсто од младите се изјасниле дека силно ги поддржуваат, додека 13 отсто се против зачленување, а 14 отсто немаат став околу тоа. Но, од друга страна, мнозинството, односно третина сметаат дека членството може да се случи во следните десет години, додека 27 отсто оценуваат дека тоа никогаш нема да се случи.
Ова истражување е дел од проектот „Мултидимензионалните аспекти на демократиите и идентитетите: дијалог и учење на млади во време на пандемијата на ковид-19“, кој го реализира Црногорската паневропска унија (ЦПЕУ).