Денеска почнува новата академска 2018/2019 година во Македонија. По речиси една деценија се враќа практиката учебната година на факултетите да стартува на почетокот на октомври. Тоа го овозможи новиот Закон за високо образование, кој беше донесен во мај. До лани академската година почнуваше на 15 септември.
На државните универзитети годинава се отворија места за вкупно 21.778 бруцоши. На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ примаа 11.661 студент, на „Гоце Делчев“ во Штип годинава имаше место за 5.037 бруцоши, на битолскиот ,,Св. Климент Охридски“ - 3.635 студенти, на Државниот универзитет во Тетово имаше место за 3.185 бруцоши, а на „Мајка Тереза“ во Скопје – за 1.445 студенти. Квотите не беа пополнети секаде.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во академската 2017/2018 година биле запишани вкупно 56.941 студент, што било за 2 отсто помалку во споредба со претходната година. Најголем процент – 85,7 отсто биле запишани на државните високообразовни установи, а 13,9 отсто студирале приватно.