„Ќе се обидеме да ја преживееме оваа фаза, бидејќи основното образовани и истражување - кои се базираат на фактите и високото образование - е тука да остане. Единствено што треба да направиме е да работиме напорно“, вели Мартин Ветерли, претседател на Федерална политехничка школа во Лозана, еден од најдобрите универзитети во Швајцарија.
Тој зборуваше на „Times Higher Education“ на Светскиот економски форум во Давос - еден од многуте истакнати универзитетски лидери од целиот свет, кои допатуваа во швајцарскиот град за да разговараат за улогата на универзитетите пост-Трамп, пред-Брегзит климата.
Политичарите доаѓаат и си одат, универзитетите остануваат
Она за кое лидерите од високото образование се согласија за време на разговорите е дека политичарите доаѓаат и си одат, а универзитетите се оние кои остануваат и издржуваат.
Несомнено е дека брендот на анти-стручна, популистичка реторика која ја зафати прво Велика Британија, кога народот гласаше да ја напушти ЕУ, а потоа и Америка, кога Доналд Трамп ја победи Хилари Клинтон во Белата куќа - е предупредувачки знак за универзитетите и нивната улога во општеството.
Доколку јавноста продолжи да има недоверба кон експертите, и ако „алтернативните факти“ започнат да прикажуваат истражувања засновани на докази, тогаш како најпрестижните универзитети во светот може да ја одбранат нивната репутација?
Друг истакнат швајцарски универзитетски лидер, Лино Гузела - претседател на најдобро рангираниот универзитет во Швајцарија, Швајцарскиот федерален институт за технологија во Цирих, во Давос зборуваше за тоа како институциите во неговата земја ја гледаат моменталната политичка клима.
И Швајцарија имала битки со Европската Унија. Минатиот месец, земјата повторно беше прифатена во истражувачките програми на ЕУ - откако пратениците во парламентот го поддржаа компромисното решение со кое народот ќе продолжи со слободното движење на луѓето.
По референдумот со кој се поддржаа рестрикциите за имиграција, земјата беше деградирана со „делумно здружение“ со вакви програми - демонстрација за тоа како универзитетите можат да се користат како пиончиња во преговорите во врска со она што го прават земјите кои не се членки на ЕУ и до што имаат или немаат пристап.
Откако Швајцарија беше повторно примена во истражувачката програма на ЕУ, професорот Гузела изјави дека за универзитетите ова е големо олеснување.
„Бевме загрижени бидејќи бевме исклучени од оваа важна мрежа во ЕУ. Не станува збор само за парите - секако парите се важни, меѓутоа уште поважно е да се биде дел од систем кој се движи напред. Доколку не бевме примени, ќе ни го отежнеше животот“.
Истото важи и за универзитетите во Велика Британија - голем дел од академскиот свет на Британија гласаше да остане во ЕУ. Како би напредувало високото
образование ако британските универзитети немаат пристап до истражувачките мрежи?
„Сочувствувам со моите колеги во Велика Британија. Ова не е добра ситуација за Европа“, вели Гузела.
„Ќе изгубиме контакт со универзитетите од светска класа. Ќе ја изгубиме можноста за комуникација со висока класа на научници и истражувачи. Ќе ја изгубиме можноста за размена на студенти. Јас сум фундаменталист кој верува дека науката и образованието мораат да се отворен систем - сите граници ќе го направат системот помалку ефикасен“.
За жал, верувањето на Гузела во ваква отвореност не се вклопува со Европа која се соочува со бран на популистички национализам, како и Америка, која не поставува само метафорички граници, туку планира да изгради и ѕид.
„Сите овие политички движења кои ги гледаме сега, не само во Америка, туку и во Европа, во Азија и во другите елови од светот се врз основа на рационален страв од дел од населението. Универзитетите, односно врвните меѓународни универзитети, треба да дадат одговор за овие проблеми. Ова не е лесен проблем, и нема да има лесни одговори, меѓутоа не смееме да бегаме и да велиме дека не ни е гајле за ништо“.