На жените повеќе не им е дозволено да слушаат предавања или да работат на универзитетот во Кабул. Оваа мерка ќе важи сè додека не се „создаде исламска околина“, изјавил почесниот декан на универзитетот, Мухамед Ашраф Гајрат, кој бил поставен од страна на талибанците.
- Сè додека не се обезбеди вистинска исламска околина за сите, на жените нема да им биде дозволено да доаѓаат на универзитетот или да работат. Исламот на прво место - напишал Гајрат на „Твитер“.
Поради недостиг на професорки, универзитетот работи на план според кој професорите ќе може да им предаваат на студентките преку завеса која ќе ја дели предавалната. Многумина го критикувале поставувањето на Ашраф Гајрат на функцијата тврдејќи дека нема квалификации за тоа.
Фото: Pixabay
Талибанците владееја со Авганистан од 1996 до 2001 г. и се познати по тоа што ги третираат жените како второкласни граѓани кои трпат насилство, често се принудени на брак и немаат исти права како мажите. Во август талибанците повторно го освоија Кабул, а лидерите тогаш изјавија дека нема да имаат толку драконски мерки за жените.
Меѓутоа, овие ветувања засега не се исполнети бидејќи нема ниту еден женски претставник во формираната Влада, а на улиците речиси не може да се видат жени. Во некои случаи милитантите им наредиле на жените да ги напуштат работните места, а при протест на жени биле забележани случаи на физичко насилство врз нив.
Извор:
CNN