Иван Лутз, хрватски писател на научнофантастични дела и професор по физика од Славонски Брод, на својот профил на „Фејсбук“ објави текст кој предизвика невообичаено голем број реакции. Во него тој опиша со што сè се среќаваат професорите во нивната работа.
Објаснувајќи што го мотивирало да го напише текстот, Лутз истакна: Напишав еден текст. Не е најдобриот текст што сум го напишал, но е искрен. Текстот е за штрајкот на професорите и за оние што ги мразат...
Текстот за еден ден беше споделен повеќе од илјада пати. Го пренесуваме во целост.
„Дали некогаш сте подучувале сексуално злоупотребено дете? Дали некогаш сте подучувале дете со проблеми во фамилијата? Дали некогаш сте се обиделе да научите нешто дете што има тумор? Дали некогаш сте биле во ситуација да се плашите да го кажете зборот „нозе“ затоа што 16-годишникот од првата клупа никогаш нема да оди? Дали некогаш сте подучувале дете по тешка операција? Дали некогаш сте подучувале дете без очи? Дали некогаш сте виделе како памети глуво дете? Како комуницира? Дали некогаш сте се обиделе да научите момче или девојка со дислексија да чита? Дали некогаш сте отишле во понеделник на училиште и сте дознале дека момчето на кое сте му класен загинало во автомобилска несреќа? Дали некогаш сте подготвувале за матура дете што пред два дена загубило татко или мајка, а роковите се непопустливи и иднината му зависи од тоа? Дали некогаш сте му помагале на дете со епилептичен напад на настава? Дали некој од вас некогаш видел како изгледа срцев удар кај млад човек? Дали некогаш сте дошле дома кај вашата фамилија откако сте слушнале дека ваш ученик загинал пред училиштето поради невнимателен возач? Дали некогаш сте влегле во училница откако починал ученик? Дали некогаш сте се запрашале дека и покрај сè, јас морам да речам: Драги мои ученици, денешната лекција се њутновите закони? Дали некогаш сте се обиделе да мотивирате деца што немаат родители?
Дали некогаш некому сте му биле потпирач баш во сè? Дали некогаш сте реагирале на врсничко насилство? Дали некогаш сте разделувале деца во тепачка? Дали некогаш сте виделе како изгледа врсничка национална или верска омраза?
Дали некогаш по работниот ден сте биле на раб на солзи (не е патетика)? Дали некогаш сте молчеле цел ден бидејќи не можете да се носите со некои работи? А гледате, не зборувам за работа во настава, не зборувам за предавања, обиди, вежби, тестови, подготовки, нови курикулуми, вреднувања, нови облици на наставниот процес... Не зборувам ни за вниманието што морате да им го посветувате на сите еднакво бидејќи младите се кревки, оние нечујните се несигурни, оние гласните се уште понесигурни. Дали некогаш сте се обиделе да вразумите татко кој дошол да го оправда проблематичното дете? Дали некогаш ве пцуеле в лице и ви велеле дека после сè сте безвредни само затоа што некој има лоша оценка и не учел? Дали некогаш некој родител ве фатил за рака и ви кажал фамилијарна тајна која не смеете да им ја кажете ни на вашите најблиски? Тајна од која се замрзнувате!
И после сè, влегувате во училница, се насмевнувате, ја земате таа евтина креда и се обидувате нешто да ја научите нашата младина. И потоа таа младина напредува, расте, ве поздравува, ве уважува како што никогаш не ве уважиле државата и опкружувањето. Ви се јавуваат по 10-15 години откако го завршиле училиштето и тогаш, покрај сите нови ученици, одделувате време за нив бидејќи: Еднаш професор, секогаш професор!
Дали некогаш сте виделе како сиромашно дете ги крие искинатите ракави? Дали некогаш сте виделе гладно дете? Дали некогаш сте нахраниле гладно дете? Дали некогаш сте биле дел од нивната фамилија? И да, оние добрите професори го живеат животот на ученикот, и добар и лош, и сиромашен и богат. Дали некогаш сте помислиле дека сите идни научници, спортисти, премиери, претседатели, луѓе што откриваат лек за болести, минуваат низ нашите раце? Дали некогаш сте помислиле дека низ нашите раце минуваат и идните убијци, силувачи, крадци...? Дали некогаш сте виделе ученичко насилство над професори? Дали некогаш сте виделе расплакана колешка? Дали некогаш сте се обиделе да смирите дете во излив на бес кон професор?
Не велам тука дека сите професори се добри, но велам дека мнозинството се чесни. Не обвинувајте ги за своите неуспеси! На крајот, дали некогаш сите вие што со толку омраза зборувате за нас, кои го спроведуваме образованието во нашата земја и сакаме да ги вратиме гордоста и образот на нашата професија, сте биле во нашата ситуација?
Дали некогаш сте завршиле студии по физика, математика, хемија? И дали некогаш, колку и да ви било тешко, по губењето на саканото лице, смрт во фамилијата, смрт на пријател, сте дошле на училиште, сте навлекле насмевка на лицето и сте рекле: Ајде деца, денес ќе правиме обид со леќи. Овде имате една, а јас имам уште две бидејќи сум ќор и стар. И ги ставате очилата, а детската смеа ве лекува“.