X
 18.05.2020 Колумни

Колумна: Онлајн-настава - повеќе рани отколку ордени

Дали нашата онлајн-настава навистина им овозможи на нашите деца да научат и да знаат? Во ист контекст, само меморизираат ли, препознаваат ли, сфаќаат ли, оспособени ли се за примена на тоа што сме им го пренеле додека ги гледаме (или не ги гледаме) преку монитор?

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Учебнава година полека завршува. Новите образовни формати во контекст на вирусот, кој речиси 3 месеци е дел од нашето секојдневие, наметнаа сеопфатни облици на приспособување, обиди за премостување на тешкотиите, преобликување на вообичаените начини на комуникација, а за волја на вистината, и форми на импровизации кои се покажаа како неизбежни во услови на реално недоволната подготвеност за овој силен предизвик.


После сѐ, многу размислував за тоа како да го врзам ова истоштувачко тримесечно вонредие со она што требаше да се постигне на најдобар можен начин во поглед на квалитетот на наставата, реализирана во ваквите услови. Како на тридеценски учител, за кого оваа професија е привилегија и со самото тоа заслужува многу размислување како да биде успешна, ефективна и заслужено на пиедесталот меѓу сите професии, мошне видливо на површина ми испливаа неколку битни аспекти, прашања и недоумици. Секако, врз основа на сите нив, и предлози како можни опции за евентуална потреба од понатамошно функционирање на образованието во вакви услови, што, искрено се надевам, нема да се случи, но на што, со оглед на околностите, мора да се помисли како на заканувачка реалност и во периодот што следuva.

Што покажаа условите во кои сите ние водевме битка – учителска, ученичка и родителска и од која, сигурна сум, сите излегуваме повеќе со рани отколку со ордени? Секако, ако зборуваме за вистинските битки, вистинските рани и да, за вистинските ордени. 

Елизабета Секирарска

Неколку прашања, пред сѐ:

- Дали бевме подготвени за ваков формат на настава, онаков каков што реално би носел име „Настава за 21 век“ - оној формат кој ги движи земјите во кои толку долго, да се чини предолго гледаме со копнеж? Дали сторивме сѐ тој сон да ни се трансформира во јаве? Зошто не?
- Дали нашата онлајн-настава навистина им овозможи на нашите деца да научат и да знаат? Во ист контекст, само меморизираат ли, препознаваат ли, сфаќаат ли, оспособени ли се за примена на тоа што сме им го пренеле додека ги гледаме (или не ги гледаме) преку монитор?
- Дали нашата онлајн-настава беше мотивациска полуга, или пак товар, наместо предизвик за нашите деца? Дали постигнавме нестрпливо да чекаат виртуелно да се видиме и да слушнат што имаме да им кажеме? Дали имавме валидни и чесни механизми да ги научиме да сакаат да се со нас и сега, кога не се? Дали ги прашавме како се, како се држат во услови кога сета конекција со надворешниот свет им е само преку монитор и кога сиот младешки живот им е поставен наопаку? Зошто не? Како се случи да ни е поважно да ги поминеме лекциите дури и со барања да се вклучат во 21 часот навечер, затоа што ние тогаш можеме? Зошто да?

- Дали сме сигурни дека ТВ-училниците (кои реално гледано, и покрај почетните слабости, но и нивната убава осмисленост и реализација, повеќе ги следат родителите отколку децата), едукативните емисии, сите бројни и разновидни алатки, платформи и други нет-носачи кои ги користевме во работата со децата навистина допреа до нив? Дали заканите со евиденција на отсуствата од онлајн-часот беа ефективна компензација за заинтересираноста на децата, и по цена да се тука, а да не се? Иако се изморени, пасивни, лути на нас? Дали нашиот молк дека можевме поинаку, подобро и поефективно е приод пресметан како професионално практичен (формат „Добро си е, зошто па јас да кажам?”) и покрај пропустите кои треба да ни бидат насока за достигање на нивоата кои ги посакуваме? Дали ги посакуваме? Зошто не?

- Она што мене сепак ми е најболно - кога во вакви услови оценуваме, ги оценуваме ли децата или родителите? Дали сме свесни за улогата на родителите кои под напливот на многуте обврски за нивните деца, стануваат „заменски ученици” и со часови им ги завршуваат задачите? Не сакаме да го признаеме тоа? Земавме ли предвид дека оценувањето опфаќа класификација на резултатите на залагањата и учењето, подразбира критериуми според кои оценката е сумарен симбол, за вакви услови мошне комплексен и тешко измерлив? Им дававме ли задачи кои се индивидуално одмерени, или и во вакви услови, во кои оваа индивидуализација многу убаво е овозможена, сепак повторно ги занемаруваме разликите меѓу децата во сознајното, интелектуалното, афективното, културното и секое друго поле? Кога оценуваме, се прашавме ли всушност што оценуваме – вреднуваме ли репродукција или критичко и создавачко учење и размислување? Зошто како научено е прифатено најчесто она што го ние сме го кажале? Зошто не сметаме и не прифаќаме дека сите процедури и алатки за проверки кои ги искористувавме во формати во какви ги спроведувавме, сепак не се доволна основа за објективно оценување? Зошто и во вакви услови не можеме да се избориме со фактот дека за децата и родителите, оценката е единствениот важен аспект, независно од свесноста дека не ја заслужуваат, но знаат што таа обезбедува? Дали тест во вакви услови е она што ќе ни даде објективен суд? Зошто толку многу се инсистира на него? Формите пак, во кои се изведува (некои од нив, не така ретки, за жал) сепак ќе ги прескокнам.

Се сметам повикана да ги поставам прашањава, затоа што сум учител и тоа го сметам за долг кон оние пред кои стојам и во кои вложувам дел од себе цел живот, но не се сметам за повикана јас да ги одговорам, од една проста причина – поставувам прашања на кои ги знам одговорите и си ги одговарам само себеси. Заради себе и децата. Заради својата лична одговорност. Но, исто така сум сигурна и дека секој учител ги знае одговорите. Затоа што е учител. Не знам дали сите си ги одговараат. Затоа што и учителствувањето различно се носи – секој на свој начин. И тоа си е во ред.

Знам и дека фелата одамна нема заеднички став за многу прашања, кои образованието многу долго ги носи на плеќите. Разединетоста, докажувањето и во вонредниве услови кој е подобар, за жал, преку грбот на децата, борбите на суети кои, повторно за жал, се покажаа како уште посилни, неприфаќањето на оние кои знаат и нивното, би рекла дури и исмејување како „откривачи на топла вода” тогаш кога сакаат да споделат со другите, оти, нели, сите сѐ си знаеме, се само дел од немањето професионална волја да се одговори на поставените прашања. Секако, за резултат имаат повлекување на оние кои можат да предизвикаат промени – знам уште многу такви мои колеги. Можат, сакаат, умеат, но не можат. Оти нема зошто.

Сепак, ќе завршам со тоа што ќе речам дека короната си има и предности: стана симбол на детекција на празнините, а празнините сепак служат за да се пополнуваат, без откажување. Барем јас не се откажувам. Затоа:

- Наставата на далечина ни е новата воспитно-образовна реалност. Подразбира поголема интерактивност на учениците, што влече со себе и поголема ангажираност на наставниците. Дигиталното опкружување секако е поедноставно за децата, затоа што во него се родени и поблиску го третираат и сфаќаат, па затоа би требало и нам да ни е полесно да им го приближиме како предизвик. Секако, под услов пред тоа самите да го доживееме како такво.

- Бројните и разновидни дигитални системи, кои се на располагање, треба да бидат стратешки развиени и ставени во функција без проблеми од технички тип од страна на надлежните, одржувани и со гарантирана одржливост. Секако, за да не се соочуваме и понатаму со импровизации кои сега нѐ болат, но со сите сили се трудиме да ги квалификуваме како совршени. Едноставно, не се.

- Добар начин за прифаќање на дигиталните алатки од страна на учениците е и нивната свесност за сопствените постигнувања. За таа цел, мошне ефикасно е водењето на е-портфолиото за секој ученик. Комплексен систем, но мошне корисен бидејќи ги опфаќа сите аспекти на неговото ангажирање и подразбира збирка на ученички трудови од различен тип. Од мое искуство, нуди и толкувања не само на оценката и начините на кои е оформена, туку ја нуди и целта заради која задачите се поставуваат. Ако ученикот знае и што, и како и зошто нештото го прави, а истовремено знае и како ќе биде вреднуван, многу поефикасно го реализира тоа што му е поставено како задача. Е-портфолиото не влече и подразбира оценка сама по себе, туку ги индивидуализира целите, ја создава сликата на целиот процес на следење и им нуди на учениците од новата доба да учат на поинаков начин.

Континуитет, платформи, алатки, ученици во фокусот, задачи кои движат, учители во заеднички чекор, динамика која е неопходна за новово време – гаранција за градење на квалитетот на образованието. Она што толку многу ни недостасува.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни