Со свои мислења во анкетата се вклучиле невработени, студенти, продавачи, угостителски и туристички работници, наставници, професори, фармацевти, информатичари, лекари, медицински лица, сметководители, економисти, правници, управители на компании, доктори на науки итн.
Недела треба да биде прогласен за неработен ден - е ставот на 90 отсто од испитаниците на анонимната онлајн-анкета што ја спроведe Факултети.мк, а на која свои мислења и одговори дадоа вкупно 2.016 анкетирани.
Само 9 отсто од анкетираните одговориле дека недела не треба да биде прогласен за неработен ден, а помалку од еден отсто рекле дека немаат став за тоа прашање.
Владата неодамна ја прифати иницијативата на синдикатите недела да биде прогласен за неработен ден, а тоа треба да биде преточено во законско решение кое ќе биде доставено до Собранието на гласање. Целта е овој ден да биде одвоен за семејството. Бизнис-секторот предупреди дека ова законско решение треба добро да се осмисли, да се направат процени за влијанието врз економијата и да се види кои гранки, односно кои економски оператори можат да си дозволат да не работат, а кои не можат, пред сè, поради нарушување на работниот процес.
За непречено функционирање на витално важните дејности во државата, мора да се обезбеди 24-часовна покриеност во здравството, полицијата, противпожарните служби, комуналните служби, кои се под ингеренции на општините и други дејности.
Министерството за труд и социјална политика ја изготви драфт-верзијата на законското решение и ја достави до сите министерства. Министерката Јагода Шахпаска посочи дека во наредните денови ги очекува нивните мислења и сугестии, кои потоа ќе бидат доставени во Влада.
Младите со просечни плати се најзасегнати?
На оваа онлајн-анкета се вклучиле лица од сите возрасти, но најмногу од 19 до 40 години.
Речиси 60 отсто од испитаниците рекле дека не работат во недела.
Најголем дел од учесниците, или 28 отсто во оваа анкета имаат лични месечни примања од 15 до 20 илјади денари, потоа од 21 до 26 илјади денари (со 17,6 отсто). Од анкетираните, примања до 15 илјади денари имале 17,4 отсто.
На прашањето „Кое е вашето занимање?“, одговориле 1.350 лица со најразлични професии и занимања и вработени во јавната и државната администрација, но и оние што работат во приватната дејност. Со свои мислења во анкетата се вклучиле невработени, студенти, продавачи, угостителски и туристички работници, наставници, професори, фармацевти, информатичари, лекари, медицински лица, сметководители, економисти, правници, управители на компании, доктори на науки итн.
Недела - ден за семејството и за одмор
Најголем дел од оние што одговориле дека недела треба да биде прогласен за неработен ден сметаат дека неделата е ден кој треба да му се посвети на семејството.
Така, медицинско лице што работи во недела и прима од 21 до 26 илјади денари месечно смета дека недела треба да биде неработен ден зашто, како што вели, животот е еден и мора да има барем еден ден во седмицата за одмор и за да му се посветиме на семејството.
- Денес сите работиме, во еден дом има различни професии и за да може семејството да се собере, мора да има еден ден кога сите ќе бидат слободни - посочува медицинското лице.
Менаџер за човечки ресурси на возраст од 19 до 30 години со месечни приходи од 21 до 26 илјади денари смета дека недела треба да биде неработен ден, а отстапка да се направи во дејности како здравство и фармација.
- Недела треба да е ден за одмор, ден за поминување време во природа, а пред сè, ден за поминување време со семејството, вредности кои во френетичниов свет во кој живееме се занемарени, за жал, скоро и да исчезнуваат - посочува менаџерот.
Според него, доволно е да бидат дежурни неколку дејности во недела.
- Јавниот превоз (градски, меѓуградски, меѓународен) несомнено треба да функционира. И угостителските објекти треба да се затворени зашто и таму работат луѓе што имаат семејства. Но, ако работат и тие, тогаш барем да се скрати работното време. Сметам дека маркетите и трговските центри не треба да работат во недела - посочува тој.
Економијата ќе претрпи загуби - да се зголеми дневницата за во недела
Иако со околу 10 проценти, сепак има и такви што сметаат дека земјата од економски аспект не може да си дозволи еден ден во неделата да биде неработен зашто на тој начин загуби можат да претрпат повеќе дејности.
Фото: Фрипик
Професор за предучилишно образование, кој има од 31 до 40 години и кој не работи во недела и има лични примања од 15 до 20 илјади денари, смета дека недела не треба да биде прогласен за неработен ден.
- Живееме во 21 век, каде што сè треба да биде достапно во секое време, а не да биде
ограничено. Тие што работат во недела треба да имаат поголема дневница - вели тој.
Студент со нередовни месечни примања посочува дека недела не треба да биде прогласен за неработен ден зашто Македонија не е доволно економски стабилна земја за да ја прогласи недела како неработен ден по пример на Германија.
Фармацевт кој работи во недела и прима од 31 до 40 илјади плата вели дека недела не треба да биде прогласен за неработен ден зашто ќе се изгуби многу профит во многу дејности.
- Трговските центри, особено затворените, се преполни во недела, маркетите исто, а за кафулињата не се препознава недела. Ако постојат луѓе што се спремни да работат во недела, а очигледно постојат, бидејќи и сега сè си работи, тогаш зошто да биде неработен ден - прашува фармацевтот.
Администрацијата привилегирана
Многумина сметаат дека администрацијата е привилегирана зашто за неа секој викенд е неработен и слободен.
Друг фармацевт со месечни примања од 31 до 40 илјади денари смета дека недела треба да се прогласи за неработен ден зашто тој ден е дел од викендот, кој треба да биде за сите, а не само за администрацијата и за газдите.
- Недела е ден за одмор, а не за услyжување бадијалџии кои шетаат насекаде. Индустријата може во останатите шест дена да се организира и да ја заврши работата, а не да ги тера работниците да работат под изговор дека работата не може да чека - посочува тој.
Според него, доволно е една аптека и една бензинска пумпа да работат.
- Пожарна, полиција, брза помош, болници, хотели и јавен превоз се единствените професии што секогаш мора да работат заради нормално функционирање на државата. Сè друго е апсурдно да работи - вели тој.
Предвид да се земат работничките права
Во оваа ситуација, кога се размислува недела да биде неработен ден, голем дел од испитаниците посочуваат дека треба да се земат предвид работнички права, а и да бидат распределени соодветни дневници за работа за време на викенд.
Продавач кој работи во трговија со примања од 15 до 20 илјади денари посочува дека недела треба да биде неработен ден зашто на тој начин работникот ќе има загарантиран слободен ден во неделата.
- Вака работиме по 48 саати неделно. Осум часа не се платени ни со обична дневница, а не пак со екстра дневница за викенд. Недела и празничните денови не се плаќаат со поголема дневница. Џабе ти дале 500 денари за празник, сума која не спаѓа ниту во минималната дневница, кога четири дена (недели) во месецот работиш без пари. Газдата да плати дупла дневница за работа во недела е научна фантастика. Така прават зашто праксата им покажала дека со работникот можеш да правиш што сакаш и никому ништо. Ни закон ни бутур не се спроведува како што треба. Има луѓе што работат непријавени, а не пак поголема дневница да им плаќаат - посочува продавачот.
Вели дека кај оние дејности што мора да работат, како полиција, болници... треба да се прави строга контрола на работните саати и на дневниците што се исплакаат.
- Ама тоа да се спроведе во пракса, да не биде само законска теорија - посочува тој.
Проект-менаџер со плата над 40 илјади денари не работи во недела и смета дека овој ден не треба да се прогласи за неработен.
- Не се почитуваат законите и секогаш најдолниот слој пати. Ова нема да помогне. Ќе ги казнат од друга страна. Потребни се санкции и помалку корупција - посочува менаџерот.
Архитект со месечни примања од 27 до 31 илјада денари, иако не работи во недела, смета дека недела сепак не треба да биде прогласен за неработен ден зашто работничките права треба да се почитуваат секој ден, а не само во недела - вели тој.
- Подобро е да се ограничи работното време отколку да не се работи воопшто. Речиси сите што работат во недела ќе продолжат да работат, како угостители и сè што е поврзано со свадби и прослави, трговски центри, градежни работници во сезона, се разбира, и дежурни служби - посочува архитект.
Според него, ова е популистичка мерка која ќе се сведе само на тоа неколку маркети да не работат во недела.
- Освен тоа, ова е апсолутно погрешен чекор во време на пандемија - вели тој.
Бектеши: Во трговијата на мало да нема никакви измени
Инаку, во надлежност на Министерството за економија се секторот за трговија, угостителството, туристичката дејност и занаетчиството.
- Треба прво да разговараме со бизнис-заедницата и стопанските комори. Откако тие ќе ги дадат своите мислења и предлози, ќе донесеме соодветно решение - вака вчера одговори министерот за економија Крешник Бектеши на прашањето кои сектори нема да работат во недела.
Според Бектеши, засега е разговарано само со угостителите и со компаниите од туристичката дејност. Тие мислат дека не треба да се направат никакви измени и во овие два сегмента до средината на наредната година најверојатно ќе остане да важи постојното законско решение. Министерот е дециден дека во трговијата на мало нема да има никакви измени, односно дека малопродажните објекти ќе продолжат да работат согласно Законот за трговија. Но, за измени се размислува во трговијата на големо. Кај големите магацини или маркети има неколку опции, кои ќе бидат пратени на разгледување во Влада, а откако ќе биде добиено „зелено светло“ и од коморите, ќе се донесе такво решение, рече Бектеши.
Коморите порачуваат да не се брза со одлуката недела да биде неработен ден. Тие веќе ги добиле информациите од Министерството за труд, но треба да ги разгледаат и потоа да излезат со свои предлози.