X
 01.12.2021 Наука

Колку се заштитени вакцинираните со две дози од новиот сој омикрон?

Појавата на новиот сој на коронавирусот - омикрон ги поттикна шпекулациите за негова поголема отпорност на вакцините против ковид-19, дури и од делта-сојот. Но, што значи тоа за некој што примил две дози од вакцината?

Повеќето вакцини работат на принципот на зајакнување на отпорноста на имунолошкиот систем во борбата против спајк-протеинот, кој со неговото врзување за АЦЕ2 рецепторите доведува до инфекција.

Омикрон, како што е познато досега, содржи повеќе од триесет мутации во протеинот.

Сепак, и покрај сите овие промени, се верува дека постојните антитела и Т-клетки, кои, всушност, се изградени како одговор на вирусен „напад“, ќе бидат доволни за делумна заштита.

Дени Олтман, професор по имунологија на Кралскиот колеџ во Лондон, вели дека информациите што доаѓаат од Јужна Африка, каде што е идентификуван новиот вид, укажуваат дека работите не се толку сериозни како што изгледаат и дека вакцинацијата сè уште има покриеност, додавајќи дека Т-клетките играат важна улога.

Познато е дека луѓето што примиле две дози од вакцината може да се заразат со делта-сојот на вирусот, иако шансите за тоа се приближно трипати помали отколку во случајот со невакцинираните. Исто така, смртта од инфекција е деветпати помала за оние што примиле двојна доза. Оние што примиле две дози од вакцината, а биле заразени со делта-сојот на вирусот, се во подобра позиција од другите.

omikron
Фото: Freepik

Професорот Пол Морг, имунолог на Универзитетот во Кардиф, тврди дека најверојатниот исход е слабеење на имунитетот, а не целосно губење. Тој, исто така, нагласува дека дополнително зајакнување на заштитата со третата доза од вакцината е добра идеја, со оглед дека е неопходно да се зајакне ослабениот имунитет.

- Значи, иако можеби некои од антителата и Т-клетките нема да бидат ефективни, но ќе има други што ќе останат ефикасни - вели Морган.

Најголема грижа остануваат невакцинираните, кои, според Дејвид Метјус, професор по вирусологија на Универзитетот во Бристол, се изложени на висок ризик од инфекција бидејќи омикрон се пренесува уште побрзо, а постои можност и голем број луѓе да мора да бидат хоспитализирани.

Постојат некои причини за оптимизам кога станува збор за ефикасноста на постојните вакцини. Питер Инглиш, пензиониран советник за контрола на заразни болести, вели дека првата е фактот што сè уште не знаеме како омикрон ќе се однесува кај високо вакцинирана популација.

- Сосема е можно луѓето што примиле две или, уште подобро, три дози од постојните вакцини да бидат добро заштитени од новиот вид - вели д-р Инглиш.

- Но, исто така, можно е да имаме многу помала заштита со постојните вакцини. Сè уште немаме доволно информации - додаде тој.

Друга причина за оптимизам е постоењето антивирусни лекови, како што е „молнупиравир“. Исто така, постојните терапии, како што е антиинфламаторниот лек дексаметазон, веројатно ќе дејствуваат против омикрон бидејќи го таргетираат одговорот на телото на вирусот, а не самиот вирус.

Конечно, постои можност за модифицирање на постојните вакцини за ефективно да дејствуваат против новиот вид, доколку оваа варијанта, во голем процент, навистина го избегне имунолошкиот одговор предизвикан од вакцината, кој ќе биде познат само за неколку недели.

- иРНК и векторските платформи овозможуваат да се направат многу брзи промени во прецизните антигени што се користат. Тоа значи дека би било можно, релативно брзо (во рок од неколку месеци) да се произведе вакцина со антигени приспособени на новата варијанта - заклучува д-р Инглиш.

Омикрон несомнено е сериозна пречка на патот кон излезот од оваа пандемија, но според првите анализи, тешко дека светот ќе се врати на нивото на почетокот на пандемијата.

Извор: The Guardian
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука