Министерството за култура соопшти дека Ѓулумсер Касапи, Јован Павловски, Снежана Анастасова-Чадиковска и Елена Дончева се годинашните добитници на државната награда „Св. Климент Охридски“. Државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2021 година е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Македонија.
Универзитетскиот професор д-р Ѓулумсер Касапи е награден во областа на воспитанието и образованието, додека во областа на културата и уметноста наградата им се доделува на: Јован Павловски (писател), м-р Снежана Анастасова-Чадиковска (музички уметник) и Елена Дончева (академски сликар – костимограф).
Наградите ќе им бидат врачени на 8 декември во Свечената сала на Собранието.