X
 01.12.2024 Технологија

Перцепцијата на привлечноста во ерата на филтрите за убавина

Убавината е важна, дури и кога знаеме дека физичката привлечност не е во корелација со други мерливи особини, како што е интелигенцијата. Всушност, децениските социолошки и психолошки истражувања откриле дека перцепциите за привлечност длабоко влијаат врз општествените процени што ги донесуваме: луѓето едноставно се позитивно пристрасни кон оние што се перципирани како физички привлечни.

Когнитивна пристрасност

Поради оваа когнитивна пристрасност, позната и како ефект на ореол на привлечност, физички привлечните луѓе се сметаат за поинтелигентни, посреќни, посигурни, подружељубиви, подобро приспособени и генерално поуспешни во животот. Овој ефект на ореол влијае врз нашите животи затоа што се смета дека привлечните луѓе се подобри студенти или политичари, поквалификувани за работа и со поголема веројатност да добијат унапредување, повисока плата или полесна судска казна.

Нова студија на шпански истражувачи од Универзитетот во Аликанте го проширува опсегот на проучувањето на оваа когнитивна пристрасност од физичкиот во дигиталниот свет. Имено, сѐ повеќе се користат алатките за вештачка интелигенција за да се проценат луѓето, да комуницираат преку чет-ботови и да создадат подобрена дигитална верзија од себе, а филтрите за убавина се пример за таква алатка.

- Нивната цел е да го разубават лицето со сложени трансформации кои го надминуваат она што може да го постигне шминката, вклучувајќи морфолошки промени на очите и трепките, носот, брадата и усните - пишуваат авторите на студијата објавена од Кралското друштво за отворена наука.

Но, велат тие, освен што ја измазнуваат кожата, ги отстрануваат брчките и несовршеностите, овие филтри нудат единствена можност да се проучи ореол-ефектот на привлечноста.

Една нова студија ја истражувала веродостојноста на ефектот на ореол, барајќи од учесниците да ги оценат сликите на 462 луѓе со или без применет филтер за убавина со вештачка интелигенција. А резултатите покажале дека во дури 96,1% од случаите луѓето што биле прогласени за попривлечни по примената на филтерот за убавина биле оценети и како поинтелигентни. Со еден важен исклучок: мажите ги оцениле жените како помалку интелигентни по нанесувањето на филтерот.

Перцепција на интелигенција


Филтрите за убавина ја зголемуваат привлечноста на речиси сите луѓе, а нивното влијание е онолку поголемо колку што индивидуите се сметале за помалку привлечни пред разубавувањето. Возраста на оценувачот не влијае значително врз перцепцијата на привлечноста, но затоа има статистички значајно позитивно влијание врз перцепцијата на нечија интелигенција, доверливост и среќа по разубавувањето. Младите и старите веруваат дека попривлечните луѓе се покомпетентни и поздрави, а помалку непријателски расположени и несигурни. Постарите луѓе разубавени со дигитални филтри ќе бидат перципирани како поинтелигентни и покредибилни, додека младите ќе бидат сфатени како подружељубиви.

Конечно, се чини дека полот посилно влијае врз перцепцијата за интелигенција отколку врз перципираната привлечност, имајќи предвид дека сликите на жените се оценети како попривлечни.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија