Во првата фаза од планот за вакцинација предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови, со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување инфекција
Од Ковид-19 заболеле 3.439 здравствени работници, што е 4,8 отсто од досега заболените, а дваесет и двајца починале. Последнава недела има дваесетина новозаболени од Клиниката за нефрологија кои, според информациите од Министерството за здравство, се со полесна клиничка слика.
Меѓу здравствените работници има и такви што откако еднаш поминале со полесна клиничка слика на болеста предизвикана од коронавирусот Сарс-Ков 2, потоа повторно се разболеле, но лекувањето траело многу подолго.
Речиси цело време додека трае пандемијата лекарите апелираат до луѓето да ги почитуваат препораките за заштита бидејќи така им помагаат и ним, да можат да бидат тука за сите оние на кои им е потребна лекарска нега. Тие постојано кажуваа дека се малку на број, речиси цела година се на своите работни места и секој заболен колега го ослабува целиот здравствен систем.
Од Министерството за здравство велат дека не можат да кажат колку од заболените здравствени работници се лекари, а колку медицински сестри, лаборанти, технички и друг персонал, бидејќи Институтот за јавно здравје не води анализа за заболените здравствени работници по работни позиции.
Не се води ниту анализа за тоа колку од заболените здравствени работници биле со полесна, а колку со потешка клиничка слика, колку долго траело нивното лекување. Од Министерството за здравство велат дека и кај здравствените работници, како и кај другите граѓани, начинот и времетраењето на лекувањето се различни.
Инаку, според министерот за здравство Венко Филипче, Националната стратегија за вакцинација предвидува заштитата на населението од Ковид-19 да се спроведе во три фази. Во првата фаза предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови, со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.
- Како приоритетни, здравствените работници веќе ги имаме со име и презиме како ќе примаат вакцини, тука во Клиничкиот центар во еден пункт, а во останатите градови во здравствените домови таму каде што се аплицираат вакцините. Во однос на другите граѓани, согласно возраста и хроничните болести, веќе е направен списокот со име и презиме на 14.000 луѓе кои ќе бидат повикувани само преку матичните лекари, преку системот „Мој термин“ - истакна Филипче.