X
 06.08.2021 Здравје

МЗ: Од 416.614 вакцинирани со две дози, 167 се заразиле со коронавирусот

Заклучно со 5 август, од 416.614 лица вакцинирани со две дози на вакцина против ковид-19, 167 лица се заразиле 14 дена по примена втора доза вакцина, а само 11 од нив биле хоспитализирани, информира Министерството за здравство.

-Ова е показател дека бројот на заразени од вакцинирани е многу мал, што потврдува дека вакцината е корисна, односно е единствениот начин да се смени сликата зa пандемијата - истакнуваат од МЗ.

Оттаму додаваат дека според последната анализа во период од 1 до 31 јули, регистрирани се вкупно 809 случаи на позитивни од тестирани за ковид-19, од нив 82 лица се заразиле по поминати повеќе од 14 дена после вакцинација со втората доза.

-Ова укажува на фактот дека вакцината е ефикасна само кога се примени две дози и кога од примената втора доза има поминато повеќе од 14 дена. Само 10% од сите активни случаи во јули, се заразиле со ковид по примена втора доза. Помеѓу позитивните, има вакцинирани со Синофарм, Астра Зенека, Спутник V, Фајзер, а меѓу нив има и заразени кои се вакцинирале во странство со вакцината на Модерна - наведуваат од Министерството.

Од министерството апелираат дека во овој период е важно граѓаните да покажат што поголем интерес за вакцинација и да се вакцинираат, бидејќи, како што велат оттаму, само со колективен имунитет може да се спречи мутирањето на вирусот и неговото рапидно ширење.

-Во нашата земја сè уште е доминантна британската варијанта на вирусот, но со оглед на брзото ширење на делта, како во светот, така и во регионот, многу брзо истиот може да се прошири и кај нас. Досега во земјава се детектирани 30 тина случаи на делта варијантата. Во државата има доволно вакцини, а сега на најбрз начин може да се дојде до термин за вакцинација. Во моментов за прва доза имаме 80.000 Синовак, 50.000 Aстра Зенека и 70.000 Фајзер - стои во соопштението.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје