X
 02.03.2017 Наука

Учењето нови зборови ве прави попаметни

Сигурно ви се случило да не можете да се сетите на одреден збор или да сте се соочиле со збор кој ви звучи познато, но не можете да се сетите кое е неговото значење.

Ова се ситуации кои не докажуваат дека не сте интелигентни, туку дека на вашиот мозок му е потребен тренинг, сметаат експертите. Мозокот иако е претежно составен од мускулно ткиво, сепак не може да се нарече мускул. Но, токму заради тоа експертите советуваат постојани тренинзи, за подобрување на неговата функција, како и намалување на ризикот од болести.

Кога се мисли на тренинг, експертите советуваат учење на нови зборови. Со тоа се стимулира мозокот на повеќе начини, се активираат визуелните и аудитивните процеси. Освен тоа, се подобрува меморијата, бидејќи нашиот мозок поврзува слики со концепти, па со продолжувачка практика успеваме да ја подобриме меморијата и целокупната функција воопшто.

Кога се обидуваме да совладаме нов збор, густината на сивата материја се зголемува како резултат на учење, без разлика на возраста. Учењето пак, на сосема нов јазик, доведува и до развивање на нови концепти и реалности, освен што го стимулира и тренира мозокот и го збогатува вокабуларот.

Учењето на нови зборови освен што ја зголемува мозочната функција, ни дава и способност за отворање на нови светови кои не сме ни знаеле дека постојат. Имањето богат вокабулар е знак на интелигенција, но тоа ни помага и во одржувањето на менталното здравје. Експертите советуваат да учиме нови зборови секој ден, а тоа можеме да го постигнеме, според нив, преку решавање сложувалки, крстозбори, слушање музика и гледање филмови, учење нов јазик и слично.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука