Најбогатата жена на светот, која сама го заработила своето богатство, кариерата ја почнала со работа во фабрика за месечна плата од 16 долари. Ву Јаџјун денес има 8,3 милијарди долари.
По 4 години поминати во фабрика, таа решила да ја промени својата инженерска професија и почнала да пишува текстови за недвижности за кинески медиуми. Кога конечно можела да си го купи својот прв стан, таа се соочила со низа проблеми, како недостиг на гас во становите, лошо осветлување или, пак, проблеми со лифтот во зградата. Тоа ја поттикнало заедно со тогашниот сопруг да основа компанија за продажба на недвижности наречена „Лонгфор пропертис“.
Првата резиденцијална недвижност компанијата ја продала во 2007 година и тоа по цена од 157 долари за квадрат, што во тоа време било двојно повеќе од просечниот приход со кој располагало едно кинеско домаќинство на месечно ниво. Седиштето на „Лонгфор“ е во Хонгконг, а компанијата работи во 47 града низ земјата.
Јаџјун била извршна директорка на компанијата, од 2005 до 2011 година, кога отстапила од позицијата, но останала претседател на управата на компанијата, а до 2012 година била најбогата жена во Кина. Таа година се разделила од сопругот и околу 40 отсто од нејзините акции му ги префрлила нему, со што загубила околу 3 милијарди долари.
Сепак, нејзиното богатство продолжило да расте и денес, а според индексот на милијардери на „Блумберг“, таа е најбогатата жена на светот што сама го заработила богатството. Минатата година таа отстапи од челната позиција во
компанијата и
нејзиниот 44-отстотен удел во компанијата го префрлила на ќерката.