X
 14.12.2025 Живот

„Ефектот на Матилда“ - зошто пионерките во науката биле избришани од научната историја?

Историјата на науката, како и поголемиот дел од историјата што ја учиме, ни се претставува како низа од мажи, исклучиво од бела раса, во која само понекогаш се појавува некоја „ретка“ жена.

- Ако им верувате на учебниците, откритијата ги прават мажи, врз кои потоа се надоврзуваат нови иновации од мажи, по што следуваат признанија и награди за мажи. Но многу често постои и жена гениј што заслужува исто признание - наведува серијалот „Ефектот на Матилда“.

Во 1993 година историчарката Маргарет Роситер од Универзитетот „Корнел“ го нарекла ова одземање на заслуги „ефектот Матилда“, според суфражетката и аболиционистка Матилда Џослин Гејџ. Во нејзиниот есеј „Жената како пронаоѓач“ од 1893 година, Гејџ се спротивставува на тврдењето дека жената нема генијалност на изумител. Како што покажува, иако научното образование на жените било грубо занемарено, некои од најважните пронајдоци во светот се токму нејзино дело.

Повеќе од еден век подоцна, истражувачката работа на Роситер за придонесите на жените научници во САД довела до тоа Друштвото за историја на науката да додели престижна награда со нејзиното име. Во серијата „Ефектот Матилда“ се прикажани неколку жени кои најдобро го отелотворуваат овој феномен, а меѓу нив и д-р Лизе Мајтнер, австриската физичарка и пионерка во нуклеарната технологија која избегала од нацистите.
Таа била нарекувана „еврејската мајка на бомбата“, иако не учествувала во создавањето на атомската бомба. Напротив, Мајтнер го водела истражувањето што довело до откривањето на нуклеарната фисија. Но подоцна станала само фуснота во историјата на нацистичките научници и раѓањето на атомската ера.

Нејзиниот колега Ото Хан бил тој што ги добил признанијата - Нобелова награда за хемија и славата како пронаоѓач на нуклеарната фисија. Мајтнер, која ги водела најважните експерименти и ја пресметала енергијата ослободена при фисијата, добила само неколку сензационалистички наслови, по што следувале децении заборав.

Слично, името на Алиса Огаста Бол, афроамериканска хемичарка од Сиетл, речиси исчезнало од историјата на медицината, иако таа го развила она што подоцна станало познато како „Методот Дин“, револуционерен третман за лепра. Бол работела на Универзитетот на Хаваи, но трагично починала на 24 години, најверојатно од лабораториска несреќа, пред резултатите да бидат објавени. Универзитетскиот претседател Артур Дин ја продолжил нејзината работа, но без да го признае нејзиниот клучен придонес и покрај протестите на хирургот Хари Холман, кој соработувал со Бол во лекувањето пациенти. Дин го објавил трудот под свое име. Децении подоцна бил откриен трудот на Алиса Бол, а во 2000 година на Универзитетот на Хаваи била поставена спомен-плоча во нејзина чест.

Други жени опфатени во серијата се:

- Генетичарката Естер Ледерберг, чии откритија во генетиката му донеле Нобелова награда на нејзиниот сопруг;

- Ирската астрофизичарка Џоселин Бел Бурнел, која прва открила радионеутронски ѕвезди во 1967 година, но не била вклучена во Нобеловата награда доделена на нејзиниот ментор Ентони Хјуш и астрономот Мартин Рајл;

- Д-р Розалинд Френклин, хемичарка чија работа била пресудна за откривањето на структурата на ДНК, но била изоставена од Нобеловата награда што ја добиле Вотсон, Крик и Вилкинс.

Ова се само неколку примери кога станува збор за жените чии значајни научни придонеси биле занемарени, избришани или присвоени од други, а признанијата им биле одземени додека биле живи.

Извор: Openculture.com
Фото: Wikimedia Commons
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот