X
 12.04.2024 Живот

Две години живеела на дрво високо 54 метри за да ја спаси шумата од дрвосечачи

На 23-годишна возраст, еколошката активистка Џулија Батерфлај Хил живеела на дрво наречено Луна, во шумата Редвуд во Калифорнија, во знак на граѓанска непослушност. Нејзиното живеење на дрвото траело од 10 декември 1997 година до 23 декември 1999 година.

Хил одлучила да живее на дрвото кога компанијата „Пацифик лумбер“ објавила иницијатива со која значително ќе се намалел бројот на дрвјата во шумата.

Денес, Хил е активистка и авторка. Во 2000 година таа ги објави мемоарите „Наследството на Луна: приказната за едно дрво, една жена и борбата за спасување на Редвуд“, во кои таа го документирала своето искуство додека живеела на дрвото.

Таткото на Хил бил проповедник кој патувал, па голем дел од нејзиното детство таа го поминала патувајќи низ САД. На 7-годишна возраст го добила прекарот Батерфлај кога за време на планинарење, пеперутка слетала на нејзиниот прст и останала таму до крајот на пешачењето. Како дете, вели дека чувствувала доста голема социјална изолација и дека не се вклопувала и не знаела како да се поврзе.

Една летна ноќ во 1996 година, Хил доживеала сообраќајна несреќа во која пијан возач го удрил нејзиниот автомобил. По несреќата, таа имала тешкотии со зборувањето и одењето речиси цела година. Во текот на процесот на закрепнување Хил ги преиспитала своите приоритети и се заинтересирала за животната средина.

- Откако закрепнав, отидов на патување со пријателите во Калифорнија, па така ја посетив Редвуд - вели таа. По посетата на шумата таа почувствувала поврзување со дрвјата.

Откако се поврзала со истомисленици на протестот во Еурека, Калифорнија, таа дознала за можноста да учествува во протестот на поинаков начин, па одлучила да се качи и да живее на дрво старо 1.000 години заедно со уште две лица.

По неколку дена Хил морала да слезе од дрвото затоа што била болна. Кога двајцата волонтери слегле од дрвото неколку недели подоцна, Хил доброволно се качила по втор пат. Таа останала дури и кога организацијата што првично ја спонзорирала ги повлекла своите ресурси, па една пријателка почнала периодично да ја снабдува со храна.

Компанијата која сакала да ја исече шумата одговарала со тактики за заплашување, па често летале хеликоптери во близина, сечеле јажиња од блиските дрвја и поставувале чувари во близина на дрвото.

Во разговор од 1999 година Хил раскажува за нејзиниот живот за време на протестот. Неколку луѓе служеле како нејзин систем за поддршка, доставувајќи ѝ ги неопходните работи на дрвото двапати неделно. Повремено ѝ се придружувале и други демонстранти на дрвото.

На крајот, компанијата се согласила да потпише договор во кој гарантирала дека дрвото Луна и дрвјата во радиус од 200 метри ќе бидат зачувани, но дека веќе исечените дрвја ќе останат сопственост на компанијата. Неколку дена по постигнувањето и потпишувањето на договорот, Хил слегла од дрвото завршувајќи го нејзиниот подвиг кој траел 738 дена.

Во 2000 година беше премиерно прикажан документарецот „Пеперутка“ во кој беше прикажано искуството на Хил како живее на дрво. Истата година таа ги објави и нејзините мемоари.

Денес Хил останува посветена на истите еколошки каузи.



Извор: Business Insider
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот