X
 16.11.2018 Живот

Единствениот дипломиран оџачар во Македонија е жена. Запознајте ја Јасмина Атанасовска-Симјаноска, која е и архитект, наставник...

Во текот на годината може да се случи да напише некоја единица во дневникот, но на крај тоа е вистинска реткост. Задачата на наставникот е да ги мотивира учениците да учат, да им биде интересно на часот, објаснува Јасмина



Љубопитна, темпераментна и ведра е Јасмина Атанасовска-Симјаноска. И плус среќа носи. Таа е единствениот дипломиран оџачар во земјава. Кога ќе ја сретнат оние што ја познаваат, не пропуштаат да не се ракуваат со неа, за денот да им биде среќен. Тоа го прават и нејзините ученици во СГГУ ГС „Здравко Цветковски“. Таа е и архитект, проектант, професор и води курс за оџачарство, кој неодамна го завршила уште една жена, па Јасмина конечно има колешка во таа професија.

Јасмина дипломирала оџачарство во Загреб, Хрватска, посебна специјализација со многу пракса, со многу учење за загадување, екологија, горива, печки... Можноста за тоа ѝ се укажала при претходна посета на Загреб, за потоа кај нас да се воведе оџачарство како струка во училиште.  

 

- Во Македонија работам на едукација на оџачари, а првата група почна на 1 јуни како проект на Министерството на труд и социјална политика и Агенцијата за вработување под надлежност на Град Скопје, проект за невработени. Обучени се 10 оџачари, кои добија диплома за оџачари за објекти за домување кои користат цврсто и течно гориво. Меѓу нив има една госпоѓа, која е сертифициран оџачар - раскажува Јасмина. 

 


Нема шега со оџаците

Оџакот е сѐ освен наивен дел од куќа или зграда, вели Јасмина и додава дека ние сме премногу лежерни кога станува збор за одржувањето на оџаците, што не е добро.
- Скопје има градско парно, но во внатрешноста, каде што нема градско греење, греењето на дрва е најзастапено. Ако не го чистите оџакот, во него се таложат саѓи и тие лесно се палат. Кога ќе се запалат, многу експандираат, па кога ќе се затне оџакот, се враќа назад пламенот и настанува пожар. Луѓето имаат навика да го остават шпоретот полн да гори кога ќе излезат за да се одржи огнот, па има значително повисока температура. Кога печката нема капацитет, се запалуваат саѓите, и во тие случаи добро е ако пламенот избие низ оџак и не се врати дома - предупредува нашата соговорничка и советува оџаците да се чистат најмалку двапати годишно.

Неисчистените оџаци, според Јасмина, се поврзани и со загадувањето, кое последниве години е многу актуелно кај нас.

- Затнат оџак значи дека процесот на согорување не е како што треба. На загадувањето, исто така, влијае и какви дрва, каква сеча користиме. Развиени земји како Швајцарија, каде што се греат на дрва, користат лански дрва зашто се посуви, а тоа придонесува за подобро согорување. И во Германија ова прашање е регулирано. А кај нас што сѐ се гори? Буквално сѐ што ќе ни дојде под рака. Лакирани дрва, импрегнирани дрва, стар мебел, текстил, моторно масло... Знам за случај кога едно домаќинство ќе се запалеше бидејќи гореше семки од вишни, а кога такви нешта горат, се крева многу висока температура - вели Јасмина и додава дека во развиените држави постои закон за пуштање во употреба на новите оџаци преку а-тест и регулирано е чистењето. 
Токму затоа и подготвува книга за оџачарство.

300 на час

Во ГУЦ предава стручни предмети за архитекти и дизајнери. Во текот на годината може да се случи да напише некоја единица во дневникот, но на крај тоа е вистинска реткост. Задачата на наставникот е да ги мотивира учениците да учат, да им биде интересно на часот, објаснува Јасмина.

- Она што ми е најважно е да ги научам да размислуваат логички. Во архитектурата и во градежништвото не може поинаку. Моите часови се разликуваат од класичната настава, комплетно се електронски, и понекогаш можеби и опуштени, но знаете и тоа е потребно повремено. Мое е да ги научам да мислат и верувам дека ми успева. Сметам дека учениците ме почитуваат поради тоа - раскажува Јасмина.

Таа е овластен проектант и ревидент, често работи надзор од областа на архитектурата, тренер е на тренери за енергетски ефикасни фасади, учествува во изработка на наставни планови и програми поврзани со архитектура и дизајн...

 

Јасмина дипломирала оџачарство во Загреб, Хрватска

Исто така, пишува поезија, проза, слика...
- Работам 300 на час, но и многу патувам. Никогаш не сум била посреќна отколку сега и покрај толку многу работа и активности - вели Јасмина.

Најголема гордост, сепак, ѝ е 24-годишниот син Јаков. 
- Студираше во Фиренца и стана инженер за животна средина, природни ресурси и екологија, а мастерот го помина во Милано. Самостоен е, среќен и она што ме прави особено горда е што има широка душа, хуман човек е. Знаете, на крајот на денот тоа е најважното што сме го оствариле - вели нашата соговорничка.

Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова/natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот