Египетските власти денеска објавија дека археолози откриле досега непознат ходник, девет метри долг, зад главниот влез во Големата пирамида во Гиза. Се смета дека ова може да доведе до натамошни откритија.
Новиот наод е во рамките на проектот што користи нова технологија од 2015 година, вклучително и скенирање и ендоскоп за истражување во пирамидите. Недовршениот тунел е веројатно изграден за да ја олесни тежината на пирамидата, главниот влез или други неоткриени простори, појасни шефот на египетскиот Врховен совет за антиквитети, Мустафа Васири.
Големата пирамида е изградена како владетелска гробница околу 2560 година пр.н.е., за време на фараонот Куфу (на старогрчки: Кеопс).
Висока првично 146,6 метри, Големата пирамида била највисоката градба во светот повеќе од 3.800 години - сѐ до појавата на Ајфеловата кула и другите градежни подвизи на денешнината. Со текот на времето, абењето придонело да се намали висината на пирамидата на сегашните 138,5 метри. Древната градба денес се простира на 230,3 квадратни метри, а зафаќа вкупно 2,6 милиони кубни метри.
Извор: МИА