Археолозите од Националниот институт за антропологија и историја во Мексико открија подземен тунел под Месечевата пирамида во древниот град Теотивакан, кој веројатно води кон гробница. Според мислењето на научниците, тунелот го симболизира задгробниот свет.
Месечевата пирамида е една од најголемите градби од претколумбовска Америка. Таа се наоѓа во Теотивакан, кој е основан во третиот век пр.н.е, а постоел сè до седмиот век од нашата ера.
Се смета дека неговите жители биле претставници на различни автохтони американски народи.
Месечевата пирамида е изградена во периодот од 200 до 400 година од нашата ера и е користена за извршување ритуални церемонии во чест на божицата на водата и Месечината, Чалчиутликуе.
При претходните ископувања во 80-тите години на 20 век, истражувачите пронашле човечки останки со деформирани черепи, како и артефакти изработени од зелен камен. При последното истражување експертите ја скенирале пирамидата со помош на електротомографија.
Тие пронашле тунел на длабочина од 8 метри кој води во просторија со должина од 15 метри. Влезот во тунелот се наоѓа на јужната страна од Месечевиот плоштад, во непосредна близина на храмот, но се смета дека постои и друг влез на источната страна.
Засега на археолозите им е непознато што се наоѓа во погребната просторија. Меѓутоа, експертите сметаат дека подземниот систем на простории симболизира задгробен
живот.