X
 02.03.2024 Наука

Зошто бесцелно се движиме додека зборуваме на телефон?

Објаснувањето зошто бесцелно одиме додека зборуваме на телефон може да се најде во науката за однесувањето и неврологијата.

Кога разговарате со личноста спроти вас, мозокот прави врски помеѓу различни елементи, како што се: тонот, изборот на зборови, емоциите и употребените гестови - невербална комуникација. Огледалните неврони (нашиот социјален мозок) се занимаваат со декодирање на невербалната комуникација и ни помагаат да ги толкуваме пораките и да добиеме повратна информација од нашиот соговорник. Овие неврони се сметаат за посебна група која има способност да се активира и при извршување дејство/движење и при набљудување на друго лице, кое врши исто или слично дејство. Една од улогите на огледалните неврони е нивната поврзаност со сложениот мисловен процес, наречен формулација на намера.

Мозокот ги преведува емоционалните реакции во движења


Меѓутоа, за време на телефонски разговор, постојните физички повратни информации обично повеќе не се достапни, но врските што се формираат со текот на времето испраќаат импулси до деловите од мозокот одговорни за движење, па сè уште имаме микроизрази, гестови, па дури и движења. Мозокот практично го комплетира она што го смета за исчезнато и ги преведува емоционалните одговори во движење, донекаде неволна физиолошка реакција заснована на долгогодишно општествено уредување. Така, со одење напред-назад, емоциите што ги чувствуваме всушност се пренесуваат во физичка акција.

Но, ова не е единствената причина зошто одиме додека зборуваме на телефон…

Мерили Опезо и Даниел Л. Шварц, истражувачи од Универзитетот „Стенфорд“, сакале да откријат дали оваа врска мозок-тело, одредена со одење, е доволна за да се поттикне креативноста. Тимот спровел неколку експерименти за подобро да разбере како одењето влијае врз креативното размислување, спроведувајќи го тестот „Гилфордови алтернативни употреби (GAU)“ - за да се проценат нивоата на оригиналност, флексибилност, флуидност и елаборација, и ЦРА-тестот, развиен од социјалниот психолог Марта Медник (1962), за да се измери креативниот потенцијал.

Учесниците ги завршиле двата теста додека седеле, оделе на лента за трчање (за мерење на влијанијата од околината), додека оделе во затворен простор, додека оделе на отворено или користеле инвалидска количка на отворено. Резултатите биле јасни. Помеѓу 81 и 100 проценти од учесниците што оделе биле покреативни од оние што седеле, вклучувајќи ги и оние на лентата за трчање. Самиот чин на одење, а не околината, бил главниот фактор што ја зголемил креативноста.

Одењето нѐ прави покреативни

Како може одењето на лента за трчање додека гледате во бел ѕид да ја поттикне вашата креативност? Истражувачите веруваат дека постои сложена причинско-последична врска помеѓу физиологијата на одење и когнитивните процеси, но потребни се поопсежни истражувања за да се идентификува точната причина.

- Не велиме дека пешачењето може да ве претвори во Никола Тесла, но може да ви помогне во раните фази на креативноста - вели Опезо.

Значи, одењето ве прави покреативни. Тоа не значи дека секоја работа треба да се работи со пешачење. Но, бидејќи тоа главно не е можно, оние чија работа бара нова перспектива, свежи идеи, секако би можеле да имаат корист од ова откритие.

Во кои ситуации одиме додека зборуваме на телефон

Општо земено, луѓето се шетаат кога зборуваат на телефон со клиент или потенцијален клиент, кога се во процес на продажба, убедување, решавање проблеми или поплаки, или кога разговараат со нов партнер затоа што им требаат нови идеи, флексибилност и креативност.

 

Извор: Eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука