Луѓето што страдаат од несоница испробуваат различни очајни работи во надеж дека ќе го решат проблемот.
За таа цел, група млади креативци создале брилијантна бизнис-идеја: продажба на гравитациско ќебе. Станува збор за мазно, кадифено ќебе.
„Податоците покажуваат дека 70 отсто од Американците имаат проблеми со спиењето барем една ноќ во неделата“, вели основачот на компанијата, Џон Фиорентино, во промотивното видео. Гравитациските ќебиња се потешки од нормалните, а инспирирани се од смирувачка техника, односно стимулација на длабок притисок за кој се тврди дека го предизвикува истото чувство што го имаме кога се прегрнуваме, галиме и се држиме за рацете. Ќебињата се дизајнирани да создадат лесен, постојан притисок, предизвикувајќи чувство на релаксација.
Првичната цел на компанијата била на „Кикстартер“ да собере 21.500 долари за развивање на ќебињата. Првиот ден од кампањата компанијата собрала 150.000 долари, а потоа почнала со платени огласи. Во период од 2 недели компанијата надминала 2 милиона долари. Кампањата на „Кикстартер“ била затворена минатиот мај, со собрани 4.729.263 долари. Ќебињата моментално се продаваат по цена од 229 долари.
Потешките покривки со децении се користат како помагала за терапија за деца со нарушувања во развојот, како и средства за смирување на анксиозните мачки и кучиња. Во 1999 година професионалниот терапевт Тина Шампањ почнала да користи тешки ќебиња кај луѓе со акутен ментален третман.
Според голем број онлајн-рецензии, тешките
ќебиња не само што им помагаат на оние што тешко заспиваат и не можат долго да спијат туку обезбедуваат и квалитетен сон.