Луѓето на кои им треба аларм за да се разбудат наутро генерално се поуморни од оние што се будат без него, покажуваат резултатите од американско истражување спроведено на 450 вработени што работат во канцеларии во САД, во кое научниците го измериле времетраењето на спиењето и пулсот со помош на преносни уреди.
57 отсто од нив се разбудиле со помош на аларм и по правило биле поуморни од оние што се разбудиле природно бидејќи алармот им го нарушил природниот циклус на спиење, објавија научниците од Универзитетот „Нотр Дам“ во Индијана.
Спротивно на тоа, луѓето што природно се будат спиеле подолго и консумирале помалку кофеин на дневна основа. Тие, исто така, се чувствувале помалку уморни во текот на денот.
Научниците објаснуваат дека кога се будиме природно, телото го активира „одговорот на стрес“ непосредно пред будењето со цел да нѐ подготви за тоа и да нѐ разбуди.
Додека се буди со ѕвонење на алармот, телото го прескокнува тој природен одговор и тоа доведува до прекин на циклусот на спиење.
Најпогодени од замор се таканаречените ноќни птици, луѓето што најмногу го користат алармот за да се разбудат наутро, покажа студијата објавена во списанието Sleep.
Со утринскиот аларм прво треба да помислиме дека е време за станување, а не дека треба да спиеме подолго и да го замолчиме алармот бидејќи нема да го решиме недостигот на сон ако го притиснеме копчето за одложување.
- Оние пет или 15 минути сон што ги добиваме по притискање „snooze“, односно одложување на алармот, несомнено нема да ни го дадат најдоброто што треба да го добиеме од процесот на спиење - се наведува во студијата.
Одложувањето на алармот не игра никаква улога, вели професорот Арон Стригел за списанието Sleep.
- Целта на ова истражување беше делумно желбата да се демистифицира што се случува во вакви случаи. Проблематично е ако ви треба аларм бидејќи тоа значи дека сте хронично лишени од сон - вели Стригел.
Извор:
Independent.co.uk
Фото: Freepik