X
 02.04.2019 Образование

Дали студентките треба да носат хеланки на факултет?

Писмо на една мајка, која е загрижена поради големиот број девојки во хеланки на универзитетскиот кампус во Индијана, предизвика бурна реакција и протести.

- Јас сум само католик, мајка на четири сина и имам проблем кој само девојките можат да го решат: хеланките - напиша Мариен Вајт во писмо објавено во студентските весници.

Таа објасни дека глетката со хеланки ѝ била болно наметната за време на посетата на синовите и довела до тоа на момчињата да им биде тешко да ги игнорираат женските тела.

- Следниот пат кога ќе одите на шопинг, мислете на мајките што имаат синови и размислите да земете фармерки наместо хеланки - им предложи таа на студентките на Универзитетот во Нотр Дам, Индијана.  

Писмото веднаш предизвика бурни реакции кај студентките, кои порачаа дека изборот на облека не би требало да им се наметнува и дека жените треба да носат што сакаат.

Студентската група „Ирци за репродуктивно здравје“ организира Ден на гордоста на хеланките. Тие сакаа да ги охрабрат луѓето гордо да носат хеланки во кампусот.
Настанот е смислен како протест против прастарите сексистички идеи, според кои жените се одговорни за постапките на мажите кои не се во состојба да се контролираат.
Во знак на протест, многу студентки на социјалните мрежи почнаа да споделуваат фотографии на кои може да се види дека носат хеланки.

За некои студентки носењето хеланки во кампусот не е ништо ново, меѓутоа, протестот поттикна некои првпат да облечат хеланки во јавноста.

Во последните неколку години стана вообичаено жените да носат хеланки и панталони за јога и надвор од салата се вежбање, а ова парче облека стана тема на разни контроверзии.

Додека едни на интернет испитуваа дали авторот на писмото е трол чија цел била да поттикне контроверзија, одредени медиуми истакнаа дека ова не е првпат некое писмо во студентски весник да го доведе во прашање облекувањето на студентките.

Во отворено писмо наречено „Девојки, бидете пристојни“ од 2011 година тогашен студент жестоко го критикувал несоодветното облекување на жените во кампусот.

Никол Вадик, една од постарите студентки на универзитетот, истакна дека сака да биде дел од протестот бидејќи она што го носи не е повик за другите да го сексуализираат нејзиното тело.

Кејт Бермингем, докторанд на универзитетот, сподели фотографија на која е во хеланки, потсетувајќи дека жените со потемна кожа почесто се мета на критика поради кршење на наметнатите норми на облекување.

Според одредени извештаи, девојките со темна боја на кожата добивале поостри укори за кршење на правилата за облекување отколку оние со бела кожа.

Голем број луѓе на социјалните мрежи истакнаа дека им било инспиративно да видат и многу мажи како го поддржуваат протестот.

Еден студент објави и одговор на писмото, поттикнувајќи ги своите колешки од факултет да носат што сакаат.

- Тоа како се облекувате за богослужба не е одраз на вашиот карактер, ниту пак ве дисквалификува од тоа сите ние да ве третираме достоинствено и со почит - напиша тој.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование