X
 21.05.2022 Образование

Еден од основачите на „Снепчет“ им ги отплати студентските долгови на 285 дипломци

Високото образование е скапо во САД, но 285 студенти нема да мора да ги отплаќаат долговите за нивното образование бидејќи некој друг ги отплатил. Еден од основачите на „Снепчет“, Иван Шпигел, и неговата сопруга, познатата манекенка Миранда Кер, ги отплатиле студентските кредити на 285 дипломци на колеџот за уметност и дизајн „Отис“ во Лос Анџелес.

Чарлс Хиршхорн, претседател на факултетот, им ја пренел веста на дипломците за време на церемонија за доделување дипломи.


Шпигел заедно со двајца поранешни колеги од Универзитетот „Стенфорд“ го создал и основал „Снепчет“, што го направи најмладиот милијардер во светот во 2015 година. Шпигел одел на летни курсеви во колеџот „Отис“ додека бил во средно училиште.

- Тоа ми го смени животот и направи да се чувствувам како дома. Се чувствував поттикнат за понатамошен раст опкружен со супер талентирани уметници и дизајнери, а сите бевме заедно во тоа - изјавил Шпигел на церемонијата.

Шпигел и Кер во соопштение изјавиле дека факултетот е извонредна институција која ги поттикнува младите да го најдат својот уметнички глас и да напредуваат во разни индустрии, создавајќи разни кариери. Не било откриено колкава е сумата што ја платиле сопружниците за покривање на студентските долгови на овогодишните дипломци.

Во САД, над 43 милиони Американци ѝ должат на сојузната влада вкупно 1,6 милијарди долари за студентски кредити, што е во просек околу 37.000 долари по лице.

Извор: Moj faks
Насловна фотографија: Youtube (printscreen)
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование