X
 15.05.2018 Живот

Што треба да знаете за отворањето на американската амбасада во Ерусалим и палестинските протести

САД официјално ја отворија амбасадата во Ерусалим со церемонија на која присуствуваа ќерката на американскиот претседател Доналд Трамп, Иванка Трамп, нејзиниот сопруг Џаред Кушнер и неколку членови на Конгресот од редовите на Републиканската партија.

Но, на 70 милји оттаму, во Газа, најмалку 52 Палестинци беа убиени во судирите со израелските трупи во најнасилните судири во последните неколку години. Сето ова е резултат на бесот поради официјалното признавање на Ерусалим како главен град на Израел од страна на Трамп, но и на бесот кој датира од пред 70 години, односно од независноста на Израел.

Еве што треба да знаете за отворањето на амбасадата и за смртоносните протести.

Зошто преселбата на американската амбасада е толку големо нешто?


Селењето на амбасадата од Тел Авив во Ерусалим е резултат на ветувањето што Трамп ѝ го даде на произраелската група наречена Американско-израелски комитет за јавни работи (АИПАЦ) во текот на предизборната кампања. Трамп на „Твитер“ за настанот напиша: „Ова е голем ден за Израел“.

Селењето на амбасадата е контроверзна одлука бидејќи Ерусалим не е официјално признат од ОН или од повеќето други земји како главен град на Израел. Источен Ерусалим беше заземен од Израелците во 1967 година за време на шестдневната војна и Израел сега тврди дека целиот град е негов главен град и покрај споровите околу статусот на градот. Палестинците исто така се надеваат да основаат главен град во Источен Ерусалим.

Иако Израел го прогласи Ерусалим за свој главен град во 1980 година, повеќето странски влади нивните амбасади ги сместија во Тел Авив, кој е втор град по големина во Израел. Новата американска амбасада ќе биде прва од ваков тип што ќе биде лоцирана во Ерусалим. Претседателот на Гватемала, Џими Моралес, планира да оди по стапките на Трамп и да ја пресели амбасадата на Гватемала од Тел Авив во Ерусалим.

Церемонијата за отворање на амбасадата се совпадна со 70-годишнината од независноста на Израел. На настанот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, за Ерусалим рече дека е вечна и неподелена престолнина на Израел.

- Вистината е дека Ерусалим бил и секогаш ќе биде престолнината на Евреите, престолнината на еврејската држава - рече тој.

Каде е новата амбасада?

Новата амбасада е лоцирана во американскиот Генерален конзулат во населбата Арнона во Ерусалим. Таа ќе биде отворена со почетен персонал од најмалку 50 лица. Американскиот амбасадор Дејвид Фридман ќе поминува време и во Тел Авив и во Ерусалим, кои се оддалечени околу 50 милји.

Како се поврзани протестите со амбасадата?

Палестинците веруваат дека Ерусалим, кој е свет град за христијаните, Евреите и муслиманите, треба да биде престолнина на палестинската држава. Одлуката на Трамп да ја пресели амбасадата и официјално да го признае Ерусалим како главен град на Израел се перципира како американска поддршка за целосна израелска власт во историскиот град.

Масовните протести започнаа на 30 март. Вчера тие ескалираа и околу 35.000 луѓе протестираа кај граничната ограда меѓу Газа и Израел. Министерството за здравство на Газа соопшти дека најмалку 52 Палестинци се убиени, а 1.200 други се ранети од страна на израелските војници кои се соочија со демонстрантите. Меѓу убиените има и две деца: 12- и 14-годишно.

Датумот на отворањето - 14 мај - исто така е значаен за Палестинците, кои независноста на Израел ја означуваат како „накба“, односно „катастрофа“. Ова се однесува на раселувањето на стотици илјади Палестинци кои избегале или биле избркани од нивните домови.

Џаред Кушнер
Фото: Time

Кој беше на отворањето?

Ќерката на претседателот Доналд Трамп, Иванка Трамп, и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер, кој му е и советник на Трамп, се најзначајните гости. Претседателот Трамп не присуствуваше на церемонијата, но сними видеопорака во која истакна дека амбасадата во Ерусалим се чекала долго време.

Амбасадорот Фридман исто така присуствуваше на отворањето, како и заменик-државниот секретар Џон Суливан, државниот секретар за финансии Стивен Мнучин, специјалниот претставник за меѓународни преговори Џејсон Гринблат и неколку членови на Конгресот, сите републиканци. Израелскиот премиер исто така беше присутен.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот