Кога имате скап автомобил, скапа облека, раскошен дом и други статусни симболи, стекнувате впечаток дека вредите повеќе и дека сте над оние што го немаат сето тоа.
Го гледате соседот во евтин автомобил и си велите: јас сум успешен и заработувам повеќе. Тој е никој и ништо, а јас сум богат.
Убедени сте: соседите мислат дека сум фаца бидејќи имам толку скап автомобил. И помислата на тоа ви ја грее душата и ви ја подигнува самодовербата. Но, ако соседот има подобар автомобил, вашата самопочит опаѓа. Излезот од ситуацијата е само еден: во првата пригода вие мора да ја вратите предноста!
Овде не станува збор само за автомобили. Секојпат кога некој од вашето опкружување ќе има нешто полошо и помалку од вас, ќе ви се врати чувството на кралска надмоќ. Од тоа зависи колку сте среќни.
- Кога би сакале да бидеме среќни, тоа лесно би го постигнале; но ние сакаме да бидеме посреќни од другите луѓе, а тоа е невозможно затоа што секогаш мислиме дека другите се посреќни од нас - рекол еднаш Шарл де Монтескје.
Во потрага по вештачка среќа луѓето се претвораат во зависници кои си ја подигнуваат вредноста по секоја цена. Купуваат нов телефон, менуваат автомобил, набавуваат скапи фармерки и скап мебел и користат скапи парфеми за да го нагласат својот истенчен вкус и префинетост. А бидејќи сето тоа е многу скапо, луѓето што патат од статусен симбол - често си патат и од големи долгови.
Во потрагата по среќа таквите луѓе земаат кредити бидејќи за нив најлошо нешто на светот е ако се спуштат на нивото на пониските од себе. За да го спречат тоа, подготвени се да платат.
Дури и одржувањето на тој минлив статус чини многу.
Ако нешто не се вклопува во статусот, тие го кријат на сите можни начини. И обратно: она што го нагласува статусот, го истакнуваат со сите средства. На пример, летување во хотел со 5 ѕвезди задолжително ќе биде објавено на сите социјални мрежи, а хотел со 3 ѕвезди ќе се премолчи.
Фактот дека живеат во евтина куќа ќе го кријат на секој начин. Животот на овие луѓе се претвора во измама. Тие се лажат и себеси и другите. Најмногу себеси. Убедени се дека навистина имаат статус што го имитираат и целосно го игнорираат фактот дека оваа положба е резултат на долгови што цел живот ги исплаќаат.
Во еден момент банките престануваат да им позајмуваат пари, па изворот на радост и среќа ќе пресуши. Тогаш тие паѓаат во длабока депресија. Истовремено, тие за сите свои неволји ги обвинуваат банките, владата, тешкиот живот и работодавецот, кој неправедно им ја крати платата.
Единствена личност што никогаш нема да ја обвинат се самите. Па тие само сакале да бидат како „сите други“ и да не ги пропуштат важните години од својот живот, од животот да земат сè што им дава. Како тие би биле виновни за својата тешка финансиска ситуација?
За крај, секогаш сеќавајте се на зборовите на Хенри Форд:
- Не морам да престојувам во скап хотел бидејќи не ја гледам причината скапо да ги платам непотребните додатоци. Каде и да престојувам, јас сум Хенри Форд. Не гледам голема разлика меѓу хотелите бидејќи дури и во најевтиниот хотел може да се одморите исто како и во најскапиот.
А овој капут на мене - да, во право сте, го носеше мојот татко, но тоа не е важно - јас во овој капут и понатаму сум Хенри Форд. Мојот син сè уште е млад и неискусен, па се плаши што ќе мислат луѓето за него ако престојува во евтин хотел.
Јас не се грижам што мислат другите за мене затоа што ја знам својата вистинска
вредност. А станав милијардер затоа што знам како треба со парите и умеам да ги разликувам вистинските вредности од лажните.