X
 02.04.2021 Здравје

Филипче: Се соочуваме со најсилниот бран досега, и по вакцинацијата уште долго време ќе носиме маски

Се соочуваме со пикот на досега веројатно најсилниот бран. На голем број пациенти им е потребна соодветна здравствена заштита, за што имаме секојдневна координација и комуникација со директорите на сите болници во државата, изјави министерот за здравство Венко Филипче при работната посета на болниците во Прилеп и во Битола.

- Има сосема доволен број болнички кревети, секој пациент ќе ја добие потребната здравствена заштита. Системот на модуларни болници опфаќа 19 објекти во 16 општини, во Битола 3, што го прави битолското ковид-одделение најголемо во државата за да одговори на потребите согласно бројот на жители, граѓани, пациенти од целиот регион кои се лекуваат во оваа болница, позната и по историјата и по експертизата од многу области - изјави министерот.

За процесот на вакцинација против Ковид-19, министерот рече дека како во Битола така и во останатите градови низ државата процесот се одвива добро, никаде нема посериозни проблеми. 4.000 вакцини од „Астра зенека“, од пратката од 24.000 од КОВАКС-механизмот ќе бидат распоредени за постарите категории граѓани, а од понеделник почнува вакцинацијата на вработените во критичната инфраструктура, МВР, АРМ, останати служби кои секојдневно се изложени на контакти со граѓани, новинарите, и таа за почеток ќе се спроведува во А1 Арената „СЦ Борис Трајковски“.

Филипче очекува српските здравствени власти да го испратат електронски списокот за сите граѓани што изминатиов период се вакцинирале во Србија, а за аплицирањето на вакцината кај помладите граѓани министерот истакна дека ќе се чека одлуката на ЕМА.

- Сите што се вакцинираа во Србија, со втората доза ќе се вакцинираат во нашата земја. Од српските здравствени влaсти очекувам списоците да ги испратат електронски, за тој целокупен процес да се олесни и тоа е во делот на организацијата и на достапноста. Во делот на стручното мислење за вакцината на „Астра зенека“ ние ќе го чекаме официјалниот став на Европската агенција за лекови, кој треба да произлезе од состанокот на бордот, закажан за следната недела. Некои земји, како Германија, донесоа индивидуални одлуки, го запреа во одреден период вакцинирањето, но може и да го продолжат ако има позитивна одлука, односно и помлади луѓе да може да се вакцинираат со таа вакцина. Сега е јасно дека бенефитот од вакцината е многу поголем и ризикот да се заболи од тешка форма на Ковид-19 е многу поголем од ризикот да се јават тие компликации, но безбедноста на пациентите, односно граѓаните ни е на прво место и во таа смисла ќе ги почекаме официјалните препораки - изјави Филипче.

Министерот ги објасни рестриктивните мерки, а за прeтстојните празници, информира дека Комисијата допрва ќе одлучува.

- Во однос на претстојните празници допрва ќе зборуваме и ќе видиме дали Комисијата нешто ќе препорача, но да ве потсетам дека за време на минатогодишните празници имаше построги рестриктивни мерки, а сепак се појавија нови и нови пациенти. Сепак, суштината е во почитување на веќе важечките превентивни мерки. Ние имаме балансирани мерки, има рестрикција во движење за помладите граѓани за кои забележуваме дека по завршувањето на работата на угостителските објекти се групираа по паркови, јавни површини и таму не се почитуваа превентивните мерки, ниту носеа маски, ниту се држеше дистанца како што вообичаено се случува кога се групираат помлади луѓе. Во таа смисла споредувавме резултати од некои земји во кои имаше многу построги мерки, но и покрај тоа се соочија со силен бран, на пример, во дел од земјите во Средна Европа и покрај тоа што не работеа ниту рестораните ниту продавниците, има огромен број нови пациенти, што значи дека вирусот не ги поштедува ниту тие земји. Тие земји што воведоа карантин и полициски час, многу построги од нашите, откако се појави бранот, повторно не дадоа резултати. Таму каде има собири во текот на денот има препораки и доколку се почитуваат, нема да има проблем, значи овие балансирани мерки се една умерена рестрикција комбинирана со индивидуалната одговорност на граѓаните во однос на почитување на мерките - изјави Филипче.

Министерот апелираше до граѓаните да ги почитуваат мерките, дури и кога ќе бидат вакцинирани.

- Единствена препорака е тоа што го препорачуваме цело време - да се почитуваат веќе препорачаните превентивни мерки - носењето маски, дистанцата е исклучително важна, сега времето е убаво, па секаде во регионот се случува многу силен бран, илјадници заразени има во околните земји, така што препорака за граѓаните е да се почитуваат важечките мерки. И по вакцинацијата ќе останат во сила тие превентивни мерки, маската ќе ја носиме навистина долго време - изјави Филипче.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје