X
 02.04.2021 Наука

Зошто не треба да правите тест за антитела по вакцинирањето против Ковид-19?

Со почнувањето на масовната вакцинација во многу земји во светот, а и во нашата, можеби се прашувате дали вакцината си ја заврши работата, вооружувајќи го вашиот имунолошки систем да се бори против инфекцијата. И дали вакцината е потребна ако сте прележале Ковид-19?

„Вашингтон пост“ се обидува да одговори на овие прашања наведувајќи го мислењето на здравствените експерти кои сметаат дека тестовите за антитела (тестови дизајнирани за откривање протеини создадени од имунолошкиот систем кои штитат од вирусот) се сосема непотребни и може да се несигурни.

- Не сомневајте се во вакцината, вакцинирајте се - вели Сара Форчун, претседателка на Одделот за имунологија и заразни болести на Школата за јавно здравје „Чан“ при „Харвард“.

Здравствените експерти велат дека луѓето треба да се вакцинираат без оглед на историјата на претходна симптоматска или асимптоматска инфекција со САРС-КоВ-2 бидејќи природниот имунитет варира и болеста може да предизвика тешки компликации.

Експертот за инфективни болести Роб Марфи објаснува дека имунитетот што го даваат антителата е „мешана вреќа“ - некои луѓе што имале Ковид-19 го задржале, додека други го изгубиле. Исто така, прелиминарните податоци покажуваат дека ваквиот имунитет може воопшто да не штити од новата варијанта што првпат беше идентификувана во Јужна Африка. Бидејќи никој не знае колку трае природниот имунитет, вакцинацијата е клучен чекор, вели Марфи.

вакцина
Фото: Freepik

Освен тоа, вакцината може да биде помоќен имуноген, посилен од имунитетот по прележувањето на болеста, нудејќи подобра заштита, вели Марфи, кој е извршен директор на Институтот за глобално здравје и професор по медицина и биомедицински инженеринг на Универзитетот „Нортвестерн“.

Центарот за контрола и превенција на болести во САД не препорачува тестирање за антитела за да се процени дали се создал имунитет по примањето на вакцината. Клиничките испитувања покажаа дека „Фајзер“ и „Модерна“ ги штитат луѓето од вирусот 95 отсто. Но, тоа не значи дека секој што ќе ја прими вакцината ќе има позитивен тест за антитела, вели Марфи.

Комерцијалниот тест за антитела можеби не ги бара истите антитела што ги активира вакцината. Некој што примил вакцина и е имун на вирусот, сепак, може да добие негативен тест за одредени антитела, објаснува тој.

Во секој случај, антителата се само дел од реакцијата на имунолошкиот систем на една личност. Некои истражувања покажуваат дека заштитните Т-клетки, бели крвни клетки кои помагаат во заштитата против болеста, се покачени кај некои пациенти со Ковид-19, иако пациентите немале антитела што може да се детектираат.

- По вакцините, многу луѓе ќе сакаат да направат тест за антитела за да видат дали стекнале имунитет. Но, тоа всушност има многу мала корелација. Многу луѓе ќе имаат негативен тест за антитела, но тоа не значи дека вакцината не функционирала - вели Марфи.

kovid antitela
Фото: Freepik

Здравствените експерти велат дека тестовите за антитела се корисни за процена на преваленцата на болеста во заедницата чисто како информација што ќе им служи на службениците од јавното здравство. За поединци, Марфи вели дека тестовите можат да кажат за изложеноста на вирусот во минатото.

- Но, тоа не менува ништо друго. Не го менува фактот дека можете повторно да се заразите и можеби нема да ви понудат доволно заштита од овие варијанти со кои се соочуваме сега. Дури и да сте позитивни за антитела против Ковид-19, сепак треба да ја примите вакцината - вели Марфи.

Извор: Washington Post
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука