X
 02.04.2024 Живот

ФИНКИ го прослави својот 13-годишен јубилеј со свечено доделување дипломи

Денес Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), промовира нова генерација дипломирани инженери по информатички науки и компјутерско инженерство и нова генерација магистри. Рекордни 345 дипломирани инженери и 22 магистри ги добија своите дипломи за завршен прв и втор циклус студии.

Деканот на ФИНКИ, проф. д-р Боро Јакимовски, ја отвори свеченоста и им се обрати на присутните:

- Денес, додека го славиме овој јубилеј, имаме предвид дека успехот и растот на ФИНКИ не се случајни. Тие се резултат на заедничките напори на секој член од нашата академска заедница. Од студентите кои се стремат кон знаење и усовршување до професорите кои ги инспирираат и ги поддржуваат. Сите сме дел од оваа успешна приказна.

Деканот Јакимовски се осврна и на актуелниот проблем со недостигот на простории за настава на ФИНКИ:

- Нашиот сон е вашите помлади колеги да ја подигнат својата диплома во зграда на ФИНКИ наместо во хотел. Ја цениме поддршката на Ректоратот, колегите од УКИМ, и пред сѐ на Студентското собрание, во насока на конечно решавање на просторните услови на Факултетот и на последните активности што се преземаат околу тоа.



Ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, се обрати на настанот и ги пофали успесите на ФИНКИ во неговите 13 години постоење.

- Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство е една од најмладите членки на УКИМ, но со оглед на севкупниот квалитет на резултатите од неговата мисија и работа, претставува лидер во информатичкото образование, не само во нашата држава туку и пошироко.

Дополнително, ректорката на новата генерација инженери и магистри на науки им посака:

- Вие не сте само дипломци во областа на компјутерското инженерство, вие сте иноватори, вие ќе решавате разни проблеми и ќе бидете архитекти на дигиталната ера. Вашето образование стекнато на ФИНКИ ве прави најдобри во справување со комплексните предизвици на новото време и искористување на моќта на технологијата за подобрување на општеството.

Наградите за најдобрите студенти на додипломски студии беа обезбедени од компанијата Loka Services, и воедно на настанот се обрати и оперативниот менаџер на компанијата, г-ѓа Наташа Тодова:

- Во ова време кога технологијата е неразделив дел од нашето секојдневие, работата во ИТ не значи само пишување код или развивање софтвер, туку создавање решенија што ги допираат животите на луѓето низ светот. Било тоа да значи помагање на луѓето со леснотија да ја проверат својата банкарска сметка, да го следат летот на саканите или, пак, да придонесат во дијагностицирањето и лекувањето болести и иновација во процесот на откривање нови лекови, вашиот придонес може да биде огромен.

На свеченоста беа доделени 59 статуетки и награди за најдобрите студенти на ФИНКИ, кои ги завршиле студиите или претходната учебна година со просечна оценка од најмалку 9,5. Статистиката на ФИНКИ вели дека бројот на дипломци континуирано расте, со што денес бележиме раст од повеќе од 10% од минатата година. Уште поважно, 43% од нив се девојки, со што ФИНКИ е со скоро рамномерна полова застапеност.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот