Родовата еднаквост во научната средина е доволно долго присутна во нашето општество, дури и многу подолго во споредба со некои високоразвиени земји. И оние стереотипи што постоеја во минатото - дека има „машки“ професии, мислам дека во моментов се комплетно надминати. Бројот на студентки што студираат на ФИНКИ само го потврдува ова, истакнува професорката и научник Билјана Стојкоска
Билјана Стојкоска е редовен професор на ФИНКИ. Дипломирала и магистрирала на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје во 2006 и 2008 година, а докторирала на ФИНКИ. На Институтот за компјутерска техника и информатика при Електротехничкиот факултет во Скопје почнала да работи од 2005 година како демонстратор. Во 2009 година е избрана за помлад асистент. Одговорна е за изведување вежби по предмети од областа на алгоритми и структури на податоци, дистрибуирани компјутерски системи, експертни системи, мобилни информациони системи, проектирање на вградливи компјутерски компоненти и информациони системи. Во рамките на досегашната научноистражувачка работа има објавено повеќе трудови во зборници од конференции и во меѓународни научни списанија. Минатата година влезе во 2 отсто светски научници според Универзитетот „Стенфорд“.
Во повеќето од моите трудови јас сум прв автор
- Универзитетот „Стенфорд“ има развиено свој начин на евалуација на научниците. Притоа не го зема предвид само бројот на објавени трудови, туку и каде се објавени и колкав импакт имаат во научната заедница, односно колку биле референцирани понатаму од други научници. Тоа практично кажува дали истражувањето било инспирација и мотивација за слични истражувања. Исто така, се зема предвид и колку авторот партиципирал во самото истражување. На пример, не е исто доколку сте автор на публикација која ја напишале три автори или триесет автори. Во повеќето од моите трудови јас сум прв автор и сметам дека тоа е она што доведе мојот рејтинг на „Стенфорд“ да е толку висок - ни посочи Билјана Стојкоска.
На прашањето што ја рангирало на листата со топ-научници, таа подвлекува дека дарбата за истражување или ја имате или не. Ако добро се насочи и се негува, успехот е неминовен.
- Во мојот случај, склоп на добри околности доведе до моето формирање како научник. Прво, домашната околина која влијаеше како катализатор. Систематскиот пристап кон проблемите и прагматичниот пристап кон нивно решавање ми е наследен од родителите. Воспитувана сум да бидам независна и да размислувам „надвор од кутијата“. Изборот да студирам инженерство беше како добар тренинг кој само ги зацврсти овие особини бидејќи тука до израз доаѓа комбинацијата од креативност, наука и иновација. Додипломските и постдипломските студии на Факултетот за електротехника и информациски технологии, а подоцна и докторските студии на ФИНКИ ми дадоа навистина здрава основа. Имав среќа да имам квалитетни и посветени професори кои несебично се вложуваа во едукацијата на помладиот наставен и научен кадар. Тука мора да го споменам и мојот ментор, проф. д-р Данчо Давчев, кој е исклучителен визионер и секогаш ме водеше низ сите предизвици. Тој е заслужен за изборот на истражувачки теми кои потоа прераснаа во популарни дисциплини во научната заедница - истакнува Билјана.
Нашата држава не финансира национални истражувачки проекти
Нејзиниот примарен фокус на истражување е интернет на нештата. Тоа е концепт на поврзување и вмрежување на сите уреди со цел кооперативно дејствување во различни апликативни домени. Целта е да се постигне едно повисоко ниво на автоматизација од она што го знаеме досега, каде што не само што ќе се минимизира човечкиот фактор во самите процеси, туку ќе се вметне и интелигенција способна да предвидува и да носи одлуки и во ситуации кои првпат ги искусува. Областа е мултидисциплинарна и опфаќа примена на комуникациски технологии, вештачка интелигенција и машинско учење.
На прашањето колку средства вложува нашата држава во научни истражувања, таа вели помалку од недоволно.
- За жал, многу сме далеку од оние препораки во однос на процентот од БДП што треба да се инвестира во научни проекти. Последните 15-ина години нашата држава не финансира национални истражувачки проекти. Тоа е практично цела генерација научници кои се оставени сами да се борат во потрага по проекти од европските фондови, кои се многу компетитивни, особено за млади научници кои немаат изградено мрежа на контакти. Друг проблем во моментов е и неатрактивноста на академската кариера за најдобрите студенти, кои преферираат да градат кариера во индустријата поради големата диспропорција во платите. Тоа доведува до немање помлад наставен и научен кадар на високообразовните институции, што од своја страна го намалува и квалитетот на самиот образовен процес. Сериозни и систематски промени се потреби час поскоро, ако веќе не е предоцна - категорична е Стојкоска.
Кај нас често се наметнува прашањето колку е тешко да се биде научник, особено научничка во нашето општество, на што таа одговара дека е генерално тешко.
- Тоа не е професија, тоа е начин на живот. Тоа не е работа во една смена. Живеете со вашите мисли, идеи, концепти... Потребни се многу енергија и многу жртви. Мора да имате љубов и порив за истражување, поинаку би било мачење. Да се биде научничка е исто толку тешко колку и да се биде научник. За среќа, родовата еднаквост во научната средина е доволно долго присутна во нашето општество, дури и многу подолго во споредба со некои високоразвиени земји. И оние стереотипи што постоеја во минатото - дека има „машки“ професии, мислам дека во моментов се комплетно надминати. Бројот на студентки што студираат на ФИНКИ само го потврдува ова.
Фото: приватна архива