Во текот на годишната Ф8 конференција за девелопери во Сан Хозе, Калифорнија, основачот на компанијата „Фејсбук“, Марк Закерберг, откри низа детали за промените - како на мобилната така и на десктоп-верзијата - истакнувајќи дека ова е најголем чекор за мрежата уште од 2011 година, кога беше претставен времепловот.
Пред сè, тука е новиот дизајн.
- Дури веќе нема да бидеме сини - се пошегува Закерберг на презентацијата коментирајќи го новиот изглед на „Фејсбук“, на кој ќе доминира белата боја.
Логото на социјалната мрежа исто така ќе биде променето и ќе биде помодерно. Клучен аспект на редизајнот ќе биде и поголемиот фокус на групите, кои се еден од најактивните делови на социјалната мрежа. Повеќе од 400 милиони луѓе се зачленети во разни групи, а станува збор за корисници кои не сакаат јавно да споделуваат содржини поради срамежливост или некоја друга причина.
- Таквите заедници ќе добијат централно место на „Фејсбук“, веднаш покрај вашите пријатели - најави Закерберг.
Од неговиот говор можеше да се насети дека „Фејсбук“ се враќа кон поинтимната и поприватна комуникација.
Дополнително, новиот дизајн ќе им овозможи на корисниците да имаат увид во најважните објави во групите во кои членуваат, а кои ќе бидат презентирани во посебен дел.
Од останатите промени, тука е и шифрираното допишување на „Месинџер“, чија содржина веќе нема да биде оставена како траен запис на „Фејсбук“, како и опцијата „Secret Crush“, слична на досегашниот „Facebook Dating“, кој беше достапен само во некои земји. „Secret Crush“ ќе функционира како апликацијата „Тиндер“ - ќе можете да означите некое лице од вашите пријатели кое ви се допаѓа и тоа ќе биде тајно, освен ако тоа лице не означи дека и вие му се допаѓате.
Промени се воведуваат и на „Инстаграм“, а најважна е онаа за приватниот бројач на лајкови. Посетителите на профилот нема да можат да видат колку лајкови има некој, нешто што ќе биде видливо само за сопственикот на профилот.
Повеќето промени веднаш ќе бидат видливи на мобилната апликација на „Фејсбук“, додека на десктоп-варијантата ќе се појавуваат во текот на следните
месеци.