X
 02.06.2023 Живот

Ако се преселите во овој град, секој месец ќе добивате по 150 евра

Мантуа, прекрасен град на северот на Италија, познат по своите кралски палати, стари цркви и богато културно наследство, ги отвора вратите за нови жители.

Локалните власти неодамна најавија дека ќе понудат атрактивни стимулации за сите што ќе одлучат да се преселат на оваа живописна дестинација, а сите жители ќе добиваат и по 150 евра месечно.

Иако досега читавме за слични акции поврзани со напуштени села во руралните делови на Европа, многумина беа изненадени од веста за град кој решил да го зголеми своето население на необичен начин.

Мантуа, кој се наоѓа во италијанскиот регион Ломбардија, одлучи да привлече нови жители со примамливи финансиски стимулации кои ќе бидат достапни од септември.

Градот ќе им доделува по 150 евра на сите што ќе се решат да се преселат најмалку една година.

Од Владата се обезбедени 400.000 евра ослободени од данок. 200.000 евра ќе бидат доделени од септември 2023 година, а другите 200.000 евра следната година. Надлежните истакнаа дека оваа сума ќе биде доволна за финансирање на најмалку 100 барања.

Како што изјавија од градот за локалните медиуми, целта на оваа акција е да се привлечат нови жители додека истовремено се обидува да промовира реновирање на многу празни куќи во градот, кои честопати се игнорирани од нивните сопственици.

Во програмата можат да учествуваат и семејства и поединци, а за да ги исполнат условите, кандидатите мора да потпишат договор за изнајмување на најмалку една година.

Нови работни места

Оваа иницијатива е наменета за професионалци чии месечни примања се помеѓу 1.200 и 1.500 евра.

Во следните две години ќе има многу вработувања. Постојат неколку компании кои инвестираат и се основани во Мантуа, особено во логистичкиот сектор, а планирани се и големи инвестиции во социјалната заштита, училиштата и културата.

Формуларот за апликација ќе биде достапен во јуни.

Мантона - „Заспаната убавица“


Мантова, позната и како „заспаната убавица“, фасцинира со својата скриена убавина која туристите често ја заобиколуваат кога патуваат на популарни дестинации како Рим, Милано, Венеција...

Градот е опкружен со три прекрасни езера, а посетителите се особено воодушевени од импресивните палати на семејството Гонзага.

Една од атракциите што мора да се видат е Ротонда ди Сан Лоренцо, црква од 11 век инспирирана од Светиот гроб во Ерусалим.

Градот е познат и по своето богато културно наследство, кое изобилува со стари цркви, музеи и уметнички галерии.

Извор: 6yka.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот