Трпеза со баница, гравче-тавче, пастрмалија, домат и сиренце, лепче со ајвар... Сето ова се нешта кои ги создава Елена Арсовска од Шлегово, Кратовско, ама во минијатурна форма и од полимерна глина. Тие изгледаат толку реално, што веднаш ќе ви го отворат апетитот. Но, во кујната на оваа сестрана уметница често се изготвува и накит од жица или пластика, одбележувачи за книги, подлошки, украси и други ремек-дела, а пасија ѝ е и сликањето.
Елена е родена и порасната во живописното Шлегово. По завршувањето на средното училиште решила да се пресели во Скопје, но за неа тој живот бил стресен и напорен, па си се вратила во родниот крај. Уште кога била мала, ракотворењето било составен дел од нејзиниот живот, а нејзината желба отсекогаш била да биде сликар. Но, животот малку ги заплел нештата, па почнала да заработува така што талентот за уметност го искористила за изработка на
ракотворби.
- Ракотворам уште од најрани години, најпрвин почнав да покажувам интерес и талент за цртање, а потоа за плетење, нижење мониста, правев скулптури од глина и гипс... Моите баби и мојата мајка исто така ракотвореа и уживав додека ги гледав како плетат, шијат, а едната баба ткаеше на разбој, предеше волна со вретено, ја боеше со природни бои од разни билки... Целиот тој процес на создавање ме воодушевуваше, постојано имав некои идеи кои сакав да ги реализирам на таков начин и да испробувам нешто ново и иако пораснав со идејата дека еден ден ќе бидам сликар, сепак, во еден период, изработката на накит ми се наметна како еден од полесните начини за заработка, па бидејќи сакав да заработувам со својот талент и со својата умешност, најмногу ѝ се посветив на изработката на накит. Долги години бев посветена само на изработката на накит, испробав многу техники, но најмногу се задржав на ткаењето со жица (wire wrapping), изработував накит со ткаење и виткање на жица во комбинација со полускапоцени камења и квалитетно стакло, но бидејќи постојано ми се раѓаат различни идеи, често ми се случува да се заситам од она што го работам подолг временски период, да сакам да пробам нешто ново и така денес паралелно работам со повеќе техники и изработувам најразлични ракотворби, работам накит од жица, изработувам накит и сувенири од полимерна глина, изработувам и накит од рециклирани пластични шишиња, сликам, иконописувам... Во моментов сум посветена на нешто многу интересно што неизмерно ме исполнува и ме радува, изработувам
минијатури од полимерна глина, претежно храна и мотиви од нашата македонска традиција, ги изработувам како украси, накит и магнети - вели Елена.
Додава дека сè што работи го прави со целосна посветеност и голема љубов, и не може да издвои едно нешто што најмногу сака да го работи.
- Моментално работам на
минијатурите од полимерна глина и целосно сум им посветена, но знам дека повторно ќе се навратам на накитот од жица или ќе добијам силна желба да насликам нешто или да изработам икона. Мислам дека сите тие начини на изразување се со еднаков интензитет кога ќе дојде нивниот момент - истакнува таа.
Инспирацијата за творбите најмногу ја црпи од природата, селото, традицијата..., а тоа лесно може да се види по само неколку погледнати изработки.
- Најмногу ме инспирираат природата, селото, селскиот начин на живот, традицијата, нашата православна вера, обичаите и односите на луѓето. Кога изработувам накит, сакам да вметнувам елементи од природата како цветови, инсекти, печурки, да вметнувам силни и впечатливи бои на камења и кристали и со нив да го стоплам студенилото на металната жица. Кога сликам - сликам птици, овошје, старински предмети кои ни раскажуваат за селскиот начин на живот, стара македонска архитектура... Црпам инспирација и од мојот град Кратово, кој навистина е непресушен извор на инспирација и каде и да сте, во кој било негов дел, насекаде има толку многу убавина, толку многу автентичност, толку многу приказни што невозможно е да бидете рамнодушни и да не се инспирирате - истакнува Елена.
Малите ремек-дела ги изработува од различни материјали - од полимерна глина до дрво и конец. Иако на почетокот ѝ биле потребни неколку дена за да изработи едно парче накит, сега времето потребно за изработка на едно такво дело ѝ се брои во минути. Но, сето тоа е благодарение на стекнатите вештини.
- Работам со најразлични материјали. Минијатурите со храна ги изработувам од полимерна глина која ја бојам со акрилни бои, употребувам и дрво за изработка на масичките и подлогите за магнети. На дел од масичките може да се најде и платно, конец и елементи изработени од епоксидна смола или силикон. А времето на изработката најмногу зависи од производот, големината, комплексноста на самата изработка, дали е потребно време за печење, сушење на боја, лепило или заштитен лак, дали е потребно лакирање во повеќе слоеви и сл. Но, бидејки работам долги години, за некои техники стекнав навистина голема вештина и брзо работам. На пример, за да изработам еден масивен прстен од жица, потребен ми е половина час, за да измоделирам храна од полимерна глина за еден магнет, потребно ми е исто толку време, ако не го земеме предвид печењето на глината и сушењето на боите, лепилото и заштитниот лак. На почетокот, за да изработам едно парче накит, ми беа потребни неколку дена - објаснува Елена.
Ја прашавме дали од ракотворење и продавањето накит и слични уметнички дела може да се живее во земјава. Вели дека до пред неколку години тоа било можно, но поскапувањата си го направиле своето.
- До пред неколку години беше возможно да се живее од рачната работа, нормално, ако зборуваме за еден скромен живот, но поради покачувањето на цените од пред некоја година, живеењето само од ракотворби стана (речиси) невозможно. Голем дел од материјалите и алатите за работа многу поскапеа. Дел од нив воопшто ги нема кај нас, па ги нарачуваме од странство и тоа многу ни ја отежнува работата - вели Елена.
Сепак, среќна е што луѓето ја препознаваат работата на ракотворците и го ценат нивниот труд, иако, како што вели таа, можеби самите се потценуваат.
- Рачната работа се цени кај нас, луѓето многу позитивно реагираат на сè што е рачно изработено, уникатно, убаво и квалитетно, но, за жал, голем дел од нив не можат да си дозволат. Од друга страна, пак, имам чувство дека и ние, ракотворците, самите не си се цениме доволно и дека многу често си ја потценуваме работата. Цените ни се навистина прениски кога ќе се споредат со цените во околните земји и во целиот свет. Јас засега продавам само во Македонија, имав обиди за продажба во странство, но за жал и тука сме оневозможени од системот во кој живееме, имаме тешкотии со наплаќање, односно примање пари од странство. Голем дел од најпознатите светски платформи каде што може да се продаваат ракотворби не дозволуваат продажба од Македонија, така што вратите кон светскиот пазар ни се речиси затворени, останува секој поединечно да се снаоѓа и да изнаоѓа начини како да се пробие таму. Јас, за жал, засега не најдов начин - истакнува уметницата.
Во таа насока, таа смета дека од голема помош за сите уметници во Македонија би било ако се олеснат процедурите за вадење дозволи за продавање на јавни места, но и поголема медиумска помош, подостапни извори на финансиска помош итн.
- Потребно ни е да ни се олесни пристапот до странските пазари, да ни се поедностават и олеснат процедурите за вадење дозволи за продавање на јавни места, потребни ни се повеќе настани и базари на кои ќе можеме да ги изложуваме нашите дела, потребен ни е поголем избор на репроматеријали тука во земјава и медиумска помош, за која забележувам дека сè повеќе ја добиваме и тоа навистина ме радува. Потребни ни се и обуки на кои ќе можеме да научиме како да создадеме одржлив мал бизнис и подостапни извори на финансиска помош. Мислам дека најважно од сè - потребна ни е поддршка од околината, од најблиските пред сè, бидејќи голем дел од нас ја немаат. Многу често нашите најблиски, мислејќи дека нè заштитуваат или дека добро нè советуваат, ни сугерираат дека ракотворењето и создавањето уметнички дела е губење време, дека може да биде само хоби и дека за еден човек да биде остварен, мора да има сигурна работа кај друг газда - вели Елена.
За крај, таа им порача на сите да ги поддржуваат занаетчиите и уметниците.
- Сакам да ја искористам оваа пригода и да ги замолам сите луѓе – поддржете ги ракотворците, занаетчиите и уметниците што се во ваша близина! Купувајте од нив, поддржете го нивниот бизнис на каков начин и да можете, зборувајте за нив, споделувајте на социјалните мрежи, препорачувајте ги... Охрабрувајте ги, помагајте им доколку имате можност, немојте да ги демотивирате и обесхрабрувате, верувајте дека поддршката на околината е најважна за секој што сака и може да создава - порачува таа.
Фото: приватна архива