X
 02.07.2021 Живот

Држава која го менува пристапот кон пандемијата: Сака да престане да ги брои новите ковид-случаи

Како што земјите од азиско-пацифичкиот регион повторно ги засилуваат ограничувањата за да спречат потенцијална епидемија на Делта-варијантата на коронавирусот, Сингапур има други планови за враќање на животот во нормала.

Во новиот план, предложен од тројца членови-министри на работната група против ковид-19, се предлага да се укинат карантините, да се врати можноста за собири на поголем број луѓе, да престанат да се бројат дневните ковид-случаи и едноставно да се врати животот во нормала.

Ваквиот предлог е радикално отстапување од таканаречениот модел на „нулта-пренос“, усвоен од неколку земји и територии, а кој досега даде добри резултати и кој во основа зависи од карантинот. Но, со ширењето на новите варијанти на коронавирусот, невозможно и неодржливо е придржувањето кон овие прописи поврзани со карантинот.

- Можеби ковид-19 никогаш нема да исчезне. Добрата вест е дека и со оваа болест може нормално да се живее. Пандемијата може да се претвори во многу помала опасност во стилот на грип или големите сипаници и да продолжиме со нашите животи - велат тројцата министри, министерот за трговија Ган Ким Џонг, министерот за финансии Лоренс Вонг и министерот за здравство, Онг Је Кунг.

Станува збор за храбар план што може да стане образец за другите земји кои сакаат да се вратат во нормала и да продолжат со патувања и туризам и им нуди надеж на фрустрираните жители кои сакаат да си ги вратат животите во колосек по 18-месечните ограничувања предизвикани од пандемијата.

Високата стапка на вакцинација е клучен елемент за овој пристап. До почетокот на јули, две третини од населението во Сингапур ја примило својата прва доза. Како што велат сингапурските власти, нивната цел е до 9 август да примат втора доза сите што веќе примиле прва доза од вакцината.

- Вакцините се ефикасни во намалувањето на ризикот од инфекција, но и во намалувањето на трансмисијата на болеста. Дури и ако сте заразени, вакцините ќе помогнат и ќе спречат појава на сериозни ковид-симптоми - велат министрите.

1
Фото: Freepik

Со зголемувањето на вакцинираното население, сингапурските власти сакат да го намалат следењето на дневните ковид-случаи, и да се евидентираат само пациентите кои бараат хоспитализација. Полесно болните ќе бидат испратени да се лекуваат и да се опорават дома.

Исто така, властите ќе ги охрабруваат граѓаните да практикуваат општествена одговорност за да ги намалат стапките на пренесување.

- Со вакцинирање, тестирање, лекување и општествена одговорност, во блиска иднина, кога некој ќе се зарази со ковид-19, нашиот одговор може да биде поразличен од овој сега - велат министрите.

Нивниот предлог ги зема предвид и варијантите и мутациите на коронавирусот што во моментов се шират низ целиот свет. Можеби ќе биде потребна и трета доза од вакцината, а Сингапур би започнал и повеќегодишна програма за вакцинирање.

Тестирањето и понатаму ќе се практикува. Но, наместо во форма на контроли тестови, би се спровеле тестови пред поголеми социјални настани или при патувања дома од странство. Истовремено, земјата ќе се префрли од ПЦР-тестови на побрзи методи (како што се тестовите со дување).

Исто така, предлогот предвидува дека ќе има повеќе терапии против коронавирусот, со текот на времето.

Засега, Сингапур останува сам во оваа кампања. Повеќето земји, не само во азиско-пацифичкиот регион, се потпираат на проверениот модел „нулта-пренос“, како и на разните ограничувања и на потребата од карантин кога некое лице е позитивно на ковид или било во контакт со заразено лице.

Извор: CNN
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот