Веќе неколку години автономни дронови се тестираат да забележат знаци на живот во опустошени области. Во студија што е прва од тој тип истражувачите од Аделаида, Јужна Австралија, и Ирак одат чекор понатаму. Инженерите од Универзитетот на Јужна Австралија и Техничкиот универзитет во Багдад дизајнирале компјутерски визуелен систем кој може да прави разлика меѓу безживотни тела и преживеани на оддалеченост од 4 до 8 метри.
Областите погодени од катастрофа се тешки за пребарување, па експертите мора да бараат технолошки решенија како дронови за да помогнат во
напорите.
Новиот систем, тестиран од страна на научниците од Аделаида и Багдад, работи сè додека е видливо горното торзо на личноста. Тогаш камерите можат да ги фатат и малите движења во шуплините од градниот кош на лицето и да ги измерат срцевите отчукувања и брзината на дишењето.
Претходните системи се потпираа на помалку прецизни читања, како што е промена на бојата на кожата и температурата на телото.
Другите постојни техники, како што е користењето на термални камери, можат да детектираат знаци на живот само кога има силен контраст меѓу температурата на телото и земјата. Ова го отежнува забележувањето на виталноста во топла околина. Во студена околина, пак, облеката може да биде пречка во детекцијата.
Новите тестирања ја дополнуваат претходната работа на истата група инженери. Во 2017 година тие покажаа дека камера на дрон може успешно да измери отчукувања на срце и брзина на дишење. Сепак, системот можеше да детектира знаци на живот само кај луѓе што стојат, што значи дека тој јасно беше само ран прототип.
Новата технологија може ефикасно да се користи во зони на катастрофа, каде што времето е клучно, помагајќи во потрагата по преживеани. Системот треба да биде подложен на дополнителни тестирања, на пример, во сурови временски услови или во ситуации каде што горното торзо на човекот е делумно покриено.
Како и да е, ова е уште еден чекор кон побрзо одговарање во ситуации кога секундите можат да спасат живот.