X
 02.07.2022 Здравје

Кратката попладневна дремка не им се препорачува на сите

Попладневната дремка за многумина е добар начин да се опуштат во текот на денот и да се освежат помеѓу обврските. Меѓутоа, има и такви на кои кратката дремка им го нарушува ноќниот сон.

Битен дел од дневниот одмор е неговото траење. Експертите препорачуваат дремката да трае од 10 до 20 минути за да се одбегне влегување во длабок сон. Исклучоци се луѓето со здравствени проблеми и децата на кои им е потребен подолг одмор.

Кога дневната дремка може да предизвика проблеми?

Потребата на организмот за сон се нарекува хомеостатски нагон за спиење. По добар сон, хомеостатскиот нагон за сон е низок, но во текот на денот тој се зголемува. Спиењето во текот на денот го намалува хомеостатскиот нагон за спиење, па затоа сме помалку поспани, подобро можеме да учиме и сме поодморни.

Попладневната дремка им е потребна на лицата што спијат малку во текот на ноќта. Таа им се препорачува на оние луѓе што имаат необични работни смени.

Таа може да биде контрапродуктивна кај луѓето што страдаат од несоница. Некои луѓе може да изгледаат дезориентирано по кратката дремка, што може да биде проблем доколку продолжат со работа. Кај овие луѓе подобро е дремката да биде во раните пладневни часови и да трае кратко, од 10 до 20 минути.

Истражувањата покажале дека долгото спиење во текот на денот може да има негативни ефекти кај постарите лица. Според истражувачите, долготрајната дремка може да биде ризик-фактор за појава на дијабетес, срцеви болести и развој на депресија.

Извор: Eklinika
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје