Експертите предупредуваат за можните несакани последици од зависноста од „Фејсбук“ и другите социјални мрежи. Ваквата зависност ги има истите симптоми како и зависноста од кокаин, обложување или алкохол, пишува психологот Гери Винк за „Сајколоџи тудеј“.
Зависниците од „Фејсбук“ поминуваат толку многу време и енергија на социјалната мрежа што тоа негативно влијае врз други аспекти од нивниот живот. Како и зависниците од алкохол или дрога, зависниците од „Фејсбук“ се откажуваат кога ќе се обидат да престанат да ја користат социјалната мрежа и ѝ се враќаат.
Фото: Pixabay
Исто како и кокаинот, никотинот и алкохолот, зависноста од „Фејсбук“ се поврзува со депресијата, осаменоста и лошото спиење. Неодамнешно истражување спроведено на 354 лица на возраст над 25 години покажало врска помеѓу лошиот квалитет на сонот, зависноста од „Фејсбук“ и депресијата.
Според авторите на истражувањето, лошото спиење веројатно е резултат од влијанието на сината светлина од електричните уреди што се користат. Зависниците од „Фејсбук“ спиеле помалку и полошо во истражувањето.
Претераното користење на „Фејсбук“ било поврзано и со чувството на осаменост, што исто така негативно влијаело врз сонот и ја зголемувало депресијата. Лицата со најниски нивоа на зависност од „Фејсбук“ и осаменост имаат најмал ризик за депресија, според истражувањето.
Фото: Pixabay
Сепак, истражувањето само ја покажува поврзаноста помеѓу факторите, но не докажува дека зависноста од „Фејсбук“ предизвикува осаменост и депресија.
Овие резултати одговараат на претходни истражувања кои покажале дека зависноста од интернет негативно влијае врз сонот, но и предизвикува проблеми во врските, го зголемува чувството на осаменост и социјална изолација и предизвикува депресија.
Извор:
Psychology Today