Една нова студија на интердисциплинарен тим на истражувачи од Универзитетот Тексас, во Остин, дава најсигурна потврда досега за врската помеѓу физичката активност, квалитетот на спиењето и психолошкото здравје.
Студијата покажала дека физичката активност ја продолжува РЕМ-латентноста, односно времето потребно за да се влезе во РЕМ-фазата од сонот. Ова може да укаже на тоа дека вежбањето помага да се консолидираат подлабоките фази на спиење пред да преминеме во РЕМ-сон, што е момент кога имаме тенденција да искусиме живописни соништа и нашиот мозок се чини дека е активен како што е кога сме будни.
Научните студии веќе сведочат за фактот дека кога вежбаме редовно - спиеме подобро. И, кога спиеме подобро, се чувствуваме подобро. Иако постојат многу научни докази кои го поткрепуваат ова, досега студиите се спроведувале во лабораториски услови, со заклучоци извлечени од набљудување на искуства по само една ноќ сон. Ваквите ограничени методологии се проблематични за секоја научна студија, без оглед на тоа колку се широко прифатени
наодите.
Студијата, истражува како шемите на дневните физички активности влијаат врз фазите на спиење и емоционалната благосостојба во природна средина: дома, на работа и за време на секојдневните активности - во текот на неколку месеци.
Истражувачкиот тим користел напредна технологија која може да се носи за да ги следи нивоата на спиење и активноста кај 82 млади возрасни лица. Учесниците го носеле уредот за следење на активноста на зглобот, со што се снимале движењата и отчукувањата на срцето. Од тие сигнали може да се утврдат периодите на длабок сон (НРЕМ) и РЕМ-сонот, заедно со физичката активност. Се користела и посебна апликација за паметни телефони за собирање податоци за благосостојбата на учесниците.
Оваа поширока студија успешно повторила многу од наодите кои претходно биле спроведени во лабораториите за спиење: имено, дека вклучувањето во физичка активност - и во онаа со низок интензитет и во онаа со умерен до енергичен интензитет, е поврзана со подлабок, пореставрирачки сон, а следствено на тоа, поквалитетниот сон е поврзан со повеќе енергија и помалку стрес следното утро.
Клучната разлика овој пат била иновативната употреба на технологијата, која овозможила континуирано следење на однесувањето на учесниците, обезбедувајќи сеопфатна слика за секојдневните активности и нивното влијание врз спиењето, како и расположението во текот на повеќе недели, дури и месеци.
- Можете многу да научите од лабораториските студии, но очигледно постојат ограничувања за проучување на моделите на спиење на одредени учесници за само една ноќ. Тоа е непознат амбиент од клинички тип, кој може да биде стресен. И не можете навистина да го согледате тоа со текот на времето - истакнал Бенџамин Берд, доцент по психологија и еден од авторите на студијата.
Тој вели дека истражувачите првпат успеале да решат како овие разлики во спиењето се поврзани со перципираната благосостојба на луѓето. Архитектурата на спиењето се однесува на структурата на секој циклус на спиење, од 90 до 120 минути: трите фази на не-РЕМ сон (лесен, длабок и најдлабок НРЕМ сон) и РЕМ-спиењето, што ги сочинува последните 25 отсто од секој циклус.
- Можете да го користите овој уред за да ги проучувате сите различни податоци за архитектурата на спиење поврзани со начинот на живот, со расположението и нарушувањата – и тоа на терен, а не во лабораторија - вели Дејвид М. Шнајер.
Извор: Medical Express
Фото: Freepik