Полесно е да ја изгубите Нобеловата награда отколку да ја добиете.
Еве некои примери:
Кога нацистите навлегле во Данска во април 1940 година, научниците од Институтот „Нил Бор“ за теориска физика се загрижиле што ќе стане со нобеловите златни медали за физика од 1914 и 1925 година, кои двајца германски лауреати, Макс вон Лауе и Џејмс Франк, ги оставиле таму на чување.
Растворени
- Да се испрати злато надвор од земјата во Хитлеровото царство било злосторство поради кое можела да се изгуби глава. Окупациските сили да откриеја дека Лауевото име е изгравирано на медалот, тој ќе претрпел страшни последици – напишал во 1962 хемичарот Џорџ де Хевеш, кој работел во Институтот.
Откако го убедиле да не ги закопува медалите, затоа што тоа што ќе се закопа може и да се откопа, Хевеш одлучил двата златни медала од 23 карати да ги стопи во царска вода – смеса од три дела концентрирана солна киселина и еден дел концентрирана азотна киселина, во која се раствораат злато, платина и паладиум.
Наместена високо на полицата во неговата лабораторија, нацистите не ја забележале течноста со портокалова боја.
По завршувањето на војната Хевеш, кој исто така добил Нобелова награда во 1943, растопеното злато го претворил во талог и му го предал на Нобеловиот комитет во 1952 за да може да биде претворен во два медала, кои потоа им биле вратени на добитниците.
Продадени
Имало случаи кога поради хуманитарни цели, спорови околу наследството или само затоа што животот може да донесе чудни пресврти, нобеловите медали завршувале на аукции.
Нобеловата награда за мир што ја освоил Французинот Аристид Бринд во 1926 година за својата улога во повоеното кратко примирје меѓу Франција и Германија е продадена во 2008 за само 12.000 евра.
Шест години подоцна американскиот научник Џејмс Ватсон, кој ја освои наградата во 1962 за учество во откривањето на структурата на ДНК, но и предизвика бура расистички изјави за Африканците, го продал својот медал за рекордни 4,1 милиони долари.
Тоа супер испаднало за американскиот биолог, особено што купувачот, рускиот милијардер Алишер Усманов, му го вратил медалот затоа што сметал дека научникот и тоа како го заслужува, „затоа што е еден од најважните биолози на светот и дека Нобеловата награда за откривањето на ДНК му припаѓа само нему“.
Украдени
Некогаш медалите едноставно исчезнувале.
Купувачот што така евтино го купил Бриндовиот медал бил францускиот етнографски музеј, но меѓу експонатите го имал само неколку години. Украден е во 2015 и сè уште не е пронајден.
Во Индија во 2017 година крадци го украле нобеловиот медал за мир кој три години претходно го освоил Каилаш Сатјарти. Односно, така мислеле. Меѓутоа, тоа била реплика, а вистинскиот е изложен во музеј.
Таква среќа немал нобеловиот медал за книжевност кој во 1913 година го добил Рабиндранат Тагоре. Тој е украден во 2004 и не е пронајден.
Запленети
Иранската адвокатка и активистка за човекови права Ширин Ебади го обвинила Техеран во 2009 година дека ѝ го запленил имотот поради неплатен данок.
Сефот во банката во кој го чувала нобеловиот медал за мир од 2003 и медалот на Легијата на честа бил испразнет, а медалите биле запленети за со нив да се наплатат 410.000 американски долари за данок, рекла таа.
Иранските власти го побивале ова тврдење, но по голем меѓународен притисок, ѝ го вратиле медалот.
Заменети
Имињата на нобеловите лауреати се изгравирани на задната страна на медалот, освен на наградите за мир и за економија, каде што имињата се напишани на работ.
Можеби и затоа не е толку чудно кога ќе настане збрка. Добитниците на Нобеловата награда за економија во 1975 г. - Лонид Канторович од Русија и Тјалинг Купманс од САД - се вратиле во своите домови со заменети медали. Никаков проблем, ако не е во полн ек Студената војна. Биле потребни четири години дипломатски напори за медалите да им се вратат на вистинските сопственици.
Изгризани
Паника избила во декември 1999 во апартманот на „Гранд хотел“ во Осло. Нобеловиот медал доделен на „Лекари без граници“ исчезнал. Мажите од француската
делегација на „Лекари без граници“ го позајмиле за да импресионираат девојки во баровите во Осло.
- Може да видите траги од заби од секој што сакал да провери дали медалот е направен од чисто злато – открил член од норвешката делегација во книга во 2006 година.