X
 09.10.2020 Култура

Како се одвива доделувањето на Нобеловата награда во време на коронавирус

Доделувањето на овогодишните Нобелови награди навидум е како и секоја друга година. Како и обично, во првата недела од октомври, се објавуваат победниците од ден за ден. На конференциите за медиуми нема маски, износот на наградата не е намален поради последиците од пандемијата, а наградите не се поврзани со Ковид-19, со оглед на тоа што се однесуваат на откритија направени пред децении.

Меѓутоа, внимателниот набљудувач ќе забележи дека растојанието строго се почитува на конференциите, дека има малку учесници и дека речиси нема новинари бидејќи сè се одвива онлајн. Оваа година, поради почитувањето на епидемиолошките мерки, нема да се одржи традиционалниот банкет што се одржува секоја година на 10 декември, на денот на смртта на Алфред Нобел, и на кој се доделуваат наградите во присуство со кралското семејство.


Фото: Wikipedia

Како што беше прогласено во понеделникот, Нобеловата награда за 2020 за медицина и физиологија им беше доделена на Мајкл Хотон од Велика Британија и Харви Алтер и Чарлс Рајс од САД. Тие се наградени за откритие за вирусот хепатит Ц.

Нобеловата награда за физика беше доделена во вторникот. Добитниците се истражувачи од областа на космологијата, односно црните дупки - Роџер Пенроуз, Рајнхард Гензел и Андреа Гез. Интересно е што 55-годишната Андреа Гез е само четврта добитничка на Нобелова награда за физика досега.

Нобеловата награда за хемија им е доделена за откривање технологија за уредување на гените на Емануела Шарпентје и Џенифер Дудна.

Нобеловата награда за литература ѝ беше доделена на Американката Луиз Глик.

Нобеловата награда за мир ѝ беше доделена на Светската програма за храна за обидите да го намали светскиот глад и да ги подобри условите за живот низ светот, изјавија од норвешкиот Нобелов комитет.



Автори: С. Бубневиќ и М. Џуриќ
Извор: naukakrozprice.rs
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура