Дали во иднина ќе работиме четири, а ќе се одмораме три дена? Оваа работна шема станува сè попопуларна низ целиот свет, а стаса и на Балканот.
- Воведувам четиридневна работна недела. Верувам дека луѓето мора да имаат повеќе време за себе. Ако јас верувам во нив, тогаш веројатно и тие ќе веруваат во мене - истакна хрватската претприемачка Рената Шепериќ-Петак.
Директорката на консултантската компанија „Логичка матрица“ вели дека тие немаат никакви проблеми.
- Ние сме мала компанија, вкупно девет вработени. Добар дел од тие лица се млади, некои од нив имаат и деца. Јас сум најстара во фирмата и гледајќи ги младите колеги, мислам дека луѓето треба да се одморат и да имаат повеќе време за себе. Не направивме ништо што други не можат да го направат, само изградивме различен неделен распоред - истакна Шепериќ-Петак.
Фото: N1
За почеток, како што објасни таа, ќе има шестмесечен експеримент, па на почетокот само еден човек (со ротација по азбучен ред) ќе работи четири дена во неделата, а ако тоа се покаже како добро решение, целокупната работа ќе се организира во четиридневна работна недела.
Оваа шема е веќе испробана на Нов Зеланд и тамошните академски истражувања потврдија дека таквиот распоред ја унапредил работата и довел до подобри резултати, но и до поголемо задоволство кај
работниците.