X
 29.12.2017 Живот

Време е за пократко работно време!

vreme

Постојаното работење звучи како врв на продуктивноста, но сè повеќе истражувања го кажуваат спротивното.

„Утврдено е дека квалитетот на работата опаѓа по вториот ден на работа, а истражувачите открија дека предолгото работно време ја уништува креативноста,  штетно е за когнитивните способности и може да доведе до физички заболувања“, вели Џош Дејвис, автор на книгата „Два одлични часа“. Тој напоменува дека со постојаната работа не можеме да постигнеме ништо.

Постојаната работа предизвикува хроничен стрес кој со текот на времето станува екстремно опасен, предупредува научникот и авторот Ендру Смарт. Според едно истражување, прекувремената работа го зголемува ризикот од болести на срцето за 40 отсто, речиси исто како пушењето.

Друго истражување покажува дека претераното работење го зголемува ризикот за мозочен удар, а работниците што работат повеќе од 11 часа на ден се за 2,5 пати поподложни на депресија од оние што работат 7 до 8 часа на ден.

Годишниот одмор е ефикасен лек по долгите работни денови, а истражувањето меѓу вработените во Хелсинки открива дека краткиот годишен одмор доведува до болест и прерана смрт.

„Во модерниот свет преовладува опсесијата за ефикасност и продуктивност. Но некои од најкреативните светски умови го препознаа значењето на одморот и забавата. Писателот Хенри Милер се обврзал на дружење и социјализација, а Бенџамин Франклин секој ден  издвојувал по 2 часа за ручек и имал доста слободно време.

На светско ниво, не постои јасна врска помеѓу продуктивноста на една земја и просечниот работен ден. Просечниот работник во Америка работи за 4,6 часа повеќе од Норвежаните, но Норвешка има повисок БДП по глава на жител.

Рецепт од далечната индустриска револуција

Зошто работниот ден денес трае осум часа? Затоа што фабриките во текот на индустриската револуција откриле дека нивните работници се попродуктивни кога работат пократко од тогашните 10 до 16 часа. Според некои наоди, истиот рецепт би функционирал и денес. Истражувањата покажуваат дека 25-часовната недела е оптимална по четириесеттата година, а неодамнешниот шведски експеримент со шестчасовно работно време доведе до поздрава и попродуктивна работна сила.

Кога на работа даваме сè од себе, потребен ни е подолг одмор. Според психологот Андрес Ериксон, повеќето луѓе без одмор можат да работат само еден час. Најуспешните композитори, писатели и спортисти никогаш не работеле повеќе од пет часа на ден без прекин. Другата тајна на успехот се кратките паузи и дремките - за подобар фокус и перформанс.

„Нашиот мозок никогаш не е неактивен. За време на одморот се активира основната комуникациска мрежа која игра клучна улога во консолидирање на меморијата и замислувањето на иднината.

Истата област се активира кога ги набљудуваме другите, размислуваме за себеси, донесуваме морални пресуди или ги оценуваме туѓите емоции. Со други зборови, одморот ни помага при помнењето, прогнозирањето, социјалната интеракција, емпатијата и разбирањето на себеси како личност. Основната комуникациска мрежа е заслужна за креативност, па не е чудно што големите умови најдобрите идеи ги добиле кога биле во када или на прошетка.

Од сето ова зависи нашата среќа, бидејќи без интроспекција не успеваме нашите дела да ги вклопиме во пошироката слика и да им дадеме значење, па животот ни станува бесмислен и празен, а тоа му штети на нашето физичко и ментално здравје.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот