На „Твитер“ минатата седмица се појави снимка од распеана бездомничка која живее во подземната железничка на Лос Анџелес. Видеото кое го сними и сподели полицаец потоа стана светски интернет-хит.
- Четири милиони луѓе го викаат Лос Анџелес – дом. Четири милиони приказни. Четири милиони гласови… Понекогаш само треба да застанете и да чуете само еден глас, да слушнете нешто убаво - стои во објавата на твитер-профилот на полицискиот оддел на Лос Анџелес.
Неколку дена подоцна американските медиуми открија дека се работи за Емили Замурка, доселеничка од Русија, која пред 30-ина години дошла во Лос Анџелес, односно кога имала 24 години. Студирала музика и заработувала претежно како улична музичарка, сѐ додека некој не ѝ ја украл виолината.
До неодамна таа живеела во изнајмен стан, но поради проблеми со здравјето и трошоците околу тоа, морала да го напушти и станала бездомник.
- Сега спијам на картон - вели Замурка.
Таа е изненадена од популарноста на интернет, за која ја информираа репортерите на КАБЦ.
- Ако Бог сака да ми се смени животот, ќе го славам и ќе му бидам вечно благодарна - вели бездомничката со ангелски глас, како што ја нарекуваат некои нејзини нови обожаватели.
Извор: МИА