Само што сте продале моќна компанија, имате куп пари и не знаете што да правите со нив? Па логично, треба да си купите куќа што чини 500 милиони долари!
Барем така вели еден претприемач кој е ангажиран на изведбата на моментално најскапата градба за домување. Сè до неодамна епитетот на најскапа куќа што се продава во САД го држеше едно импозантно здание на Бел Ер, чија цена изнесува 250 милиони долари.
А оваа нова куќа што е лоцирана во истиот елитен кварт на Лос Анџелес е дури двојно поскапа, а за половина година треба да се најде на продажба.
Кога ќе заврши изградбата, оваа куќа со неверојатни 9.300 квадратни метри површина ќе има 20 спални соби, вклучувајќи ја и главната од 510 квадратни метри, пет лифта, седум базени, а градбата го зазема речиси целиот рид каде што е лоцирана и има фасцинантен поглед на целиот град.
Градењето на овој објект трае веќе пет години и кога ќе биде готов, ќе биде еден од најголемите приватни домови во САД.
Се разбира, во рамките на куќата ќе има и разни дополнителни ексклузивни работи, како приватен ноќен бар со базен и ВИП-соба, козметички салон и фоаје чии ѕидови всушност се аквариуми во кои пливаат медузи.
Куќата ја проектирал Пол Меклин, истиот архитект што работел на домот на Џеј Зи и Бијонсе, кој ги чинел 88 милиони долари. Се поставува главното прашање – кој може да си го дозволи ова чудо што чини половина милијарда долари?
„Да кажеме дека сте супербогат сингл-маж кој тукушто ја продал својата компанија. Само што сте се преселиле во Лос Анџелес и никого не познавате, па ќе најмите некој да ви ја наполни куќата со луѓе што сакаат да се забавуваат. Сите сакаат да знаат кој сте вие, но не сакате да разговарате со никого. И тогаш заминувате во вашата ВИП-соба и седите таму“, вели претприемачот Ник Ниами за „
Њујорк тајмс“.
А на прашањето зошто некој би дал толку пари за куќа, тој кратко одговори: „Затоа што тоа е
кул“.
Во текстот се истакнува дека куќата најверојатно ќе се продаде по многу пониска цена, а се наведува и примерот со вилата „Плејбој“, која во 2016 година беше продадена за 100 милиони долари иако почетната цена ѝ била двојно поголема.
Рекордот за најскапа куќа во САД го држи куќата во Хемптонс, за која биле платени 137 милиони долари, но тоа не е највисоката платена цена на светот. Саудиски принц во 2015 година за еден замок во Франција искеширал дури 300 милиони долари.