Од Костарика и Бахамите, преку Хрватска и Грција, до Португалија и Германија, земјите се натпреваруваат за привлекување и задржување на работниците на далечина.
Секоја од овие земји сака да им угоди на дигиталните номади, без разлика што многу работодавци бараат враќање на старото нормално.
Бројот на визи за далечинско работење порасна експоненцијално од пред пандемијата, при што најмалку 30 земји воведоа такви програми од 2020 година за да ги привлечат оние чии работни места им дозволуваат да работат од каде било на планетата.
Конкуренцијата постојано расте: најмалку 12 земји, вклучувајќи ја и Колумбија, наскоро треба да воведат програми за далечинско работење. Само минатата година имало 15,5 милиони американски дигитални номади, што е двојно повеќе од 2019 година.
Иако бројот на работници со „ново“ ниво на флексибилност се намалува, тој веројатно ќе остане далеку над нивото од пред пандемијата.
Меѓу многуте земји во светот што нудат работни визи или некаква програма за дигитални номади е и земја од нашето соседство, Хрватска.
Технички, Хрватска не нуди виза, но во 2021 година на дигиталните номади им даде дозвола за привремен престој за тие да можат слободно да работат во Хрватска во период од 12 месеци.
Иако дозволата за престој не може да се продолжи, иселениците можат да поднесат ново барање шест месеци откако претходното ќе им истече.
Дигиталните номади мора да обезбедат доказ за работа, доказ за потекло од нивната матична земја, доказ за здравствено осигурување, хрватска адреса на живеење и доказ за доволно средства во износ од 2.372 долари месечно.
По пристигнувањето, дигиталните номади добиваат биометриска картичка за престој.
Како може да се аплицира?
Со пополнување барање на официјалната веб-страница за издавање дозволи за дигитални номади. Освен тоа, заинтересираните можат да се обратат до хрватската амбасада/конзулат. Времето за обработка на податоците е од 14 до 60 дена.
Други атрактивни дестинации што нудат слични услови преку нивните програми се Карибите, Аргентина, Бахамите, Барбадос, Кајманските Острови, Костарика, Доминика, Германија, Грција, Италија, Малта, Мексико, Португалија.
Извор:
Biznis.telegraf.rs
Фото: Pixabay