Ричард Кил е Германец, но секое место во светот може да му биде работно место сѐ додека има лаптоп и безжичен интернет. Ако има и простор за онлајн состаноци, тоа би било совршено.
26-годишниот софтверски инженер, кој работи за компанија за информатичка технологија со седиште во Германија, патувал и работел во земји како Малезија и Сингапур.
- Можам да кажам дека убавиот дел од ваквиот вид работа е флексибилноста. Опцијата да се видат и доживеат различни земји. Слободен сум да го изберам моето работно место - вели тој.
Луѓето како Кил се нарекуваат дигитални номади: луѓе кои работат на далечина додека патуваат низ светот. Овој термин првпат се појави во доцните 90-ти години, но ковид-пандемијата поттикна поголем број луѓе да го прифатат овој начин на работа и живот.
Јапонската влада во моментов се обидува да привлече повеќе дигитални номади како дел од напорите за зајакнување на регионалните економии и создавање деловни можности.
За време на престојот во Јапонија, помеѓу август и септември 2024 година, Кил работел од Токио. За време на неговиот престој таму ги истражувал знаменитостите и престојувал во куќа што ја делел со уште неколку вакви дигитални номади.
Канцеларијата на фирмата на Кил нуди настани за да им помогне на дигиталните номади да се запознаат меѓу себе, но и со локалните жители.
Според „Брадр аброд“, американска веб-страница за информации поврзани со патувањето, постојат околу 35 милиони дигитални номади низ светот. Со оглед на тоа што голем дел од нив имаат високи примања и имаат тенденција да останат во една земја подолго од туристите, се верува дека тие придонесуваат за проширување на локалните економии. Исто така, од нив се очекува да создадат нови деловни можности.
Јапонската влада и општините ги започнаа напорите да ги донесат дигиталните номади во земјата. Јапонската агенција за туризам избра пет програми за престој понудени од локалните општини и фирми како пилот-проекти. Агенцијата обезбедува 87.800 долари за секој проект, кои треба да бидат спроведени до јануари 2024 година.
Исто така, владата создаде виза за дигитални номади. Доколку бидат исполнети одредени услови, на пример, годишен приход од речиси 67.000 долари, поединци можат да ја добијат визата што ќе им овозможи престој до шест месеци.
Визата има одредени недостатоци, како што е краткото времетраење на престојот во споредба со сличните визи во Јужна Кореја и Тајван, како и неможноста на имателите на виза да потпишат договори за вработување со домашни компании за време на престојот.
Извор:
Straitstimes.com
Фото: Freepik